Чиста лага е дека ќе се градат пет згради – ќе ја урнам фонтаната, игралиштето, клупите, зеленилото

175

– Чиста лага е дека ќе се градат пет згради на тоа место. Такво нешто не постои во планот. Не можам да се начудам до каде одат лагите и манипулациите на некои граѓани, истакна градоначалникот на Општина Карпош, Стевчo Јакимовски во денешното обраќање во живо, со цел да го презентира новиот ДУП ЈО3, блок 2 и како што истакна да ги разобличи лагите.

Според него чиста лага е  тврдењето дека е нацртана „автострада“ со која ќе уништат паркови, зеленило, детски игралишта.

– Замислете, тие ме обвинуваат дека сакам да ги урнам фонтаната, игралиштето, клупите, зеленилото кои јас сум ги направил. Немојте да ги слушате тие што сакаат да ве лажат – порача Јакимовски.

Градоначалникот исто така презентираше три претходни ГУП-ови во кои јасно се гледа дека во сите нив е планиран булеварот „Теодосиј Гологанов“ и при тоа ги образложи позитивните измени во новиот ДУП.

– Булеварот „Теодосиј Гологанов“ го проектирал Кензо Танге и сите градоначалници наваму го следеле неговиот план. Во претходниот ГУП овој булевар беше предвиден со профил од 78 метри. По наше инсистирање кај тогашниот градоначалник Коце Трајановски во новиот ГУП од 2012 година профилот на булеварот беше намален на 60 метри. Со овој ДУП како позитивна промена, исто така предвидени се три влеза и излеза во булеварот, за разлика од досега каде има само еден – потенцираше Јакимовски.

По обраќањето Јакимовски замина на седницата на Совет на Општина Карпош. Тој ги повлече сите точки, меѓу кои и онаа за планот, а граѓаните кои беа присутни на седницата ги повика кај него во канцеларија во групи по 20, за да им го објаснат планот и да видат дека нема никакви промени од претходно.

(А.П.)