Црквите во Германија оствариле рекордни приходи од 13 милијарди евра

42

Католичката и протестантската црква во Германија оствариле рекордни приходи од црковниот данок во 2022 година, но експертите очекуваат намалување на приходите во иднина поради падот на бројот на верници, пренесува Пословни.хр

„Минатата година протестантската и католичката црква добија 13 милијарди евра приход од црковниот данок, што е за 200 милиони повеќе отколку во 2021 година“, објави Институтот за германска економија (IW).

Сепак, IW истовремено оценува дека оваа сума би можела значително да се намали во наредните години, како поради намалувањето на бројот на верници, така и поради заминувањето на голема генерација на т.н. „бејби бумовите“ во пензија.

Инфлацијата би можела да има улога и во намалувањето на реалниот приход на црквите, се наведува во соопштението на IW.

Во 2022 година, околу 1,3 милиони верници официјално ги напуштија редовите на тие две цркви во Германија, што ги ослободува од плаќање црковен данок.

Во споредба со 2019 година, црквите би можеле да имаат 11 отсто помал приход во 2027 година.

„Напуштањето на црквата и демографските промени се повеќе се рефлектираат во приливот во црковната каса, што значи дека црквите би биле принудени да штедат во иднина“, вели авторот на студијата и експерт за данок на IW, Тобајас Хенс.

Истовремено, тој укажа и на „огромниот имот“ со кој располагаат германските цркви.

„Црквите можат да го искористат своето богатство за да го пополнат буџетскиот дефицит“, рече Хенс.

Црковниот данок е еднаков на данокот на доход и во поголемиот дел од Германија изнесува девет проценти од овој данок. Парите од црковниот данок одат само за католичката и протестантската црква во Германија.