Хуманитарен настан на „Girl Up“ за смарт табла за ПОУ „Иднина“

150

Клубот „Girl Up“ од Скопје, утре кај Школката во Градскиот парк ќе организира хуманитарен настан кој ќе започне од 11 до 16 часот.

-Во рамките на настанот ќе се организира еден вид на базар, каде посетителите ќе можат да купат рачно изработени торбички и други предмети од рачна изработка кои ни ги донираа неколку компании, но и икони изработени од децата од посебното основно училиште „Иднина“ – изјави седумнаесетгодишната Јана Ацовска, лидер и основач на клубот „Girl Up“ од Скопје .

Освен тоа, ќе има и детско катче каде децата ќе можат да купат маички и да цртаат на нив, а ќе има и многу музика. Ќе настапат познати македонски имиња,  меѓу кои Александар Тарабунов, Лина Пејовска, Огнен Здравковски и други.

Средствата од продажбата на рачните изработки, иконите, маичките итн. ќе бидат наменети за децата од посебното основно училиште „Иднина“.

-Сакаме да им купиме смарт табла на овие деца, бидејќи навистина им е потребна. Со собраните средства ќе можеме да го реализираме тоа. Ова беше предлог на девојчињата од нашиот клуб – нагласи Ацовска.

Овој клуб е основан пред два месеци, а ова е првиот хуманитарен настан што го организира иако е малку надвор од нивната вистинска цел, а тоа е еднакво здравје и едукација на девојчињата. Во него членуваат 20 девојчиња, на возраст од 16 до 20 години.

Наредно што овој клуб ќе го прави е натпревар во изработка на проекти во врска со актуелни проблеми на НАСА, како што е глобалното затоплување.

-Тие ќе прават веб страници, апликации итн. Жири-комисија од истакнати информатичари ќе ги оценуваат проектите, а трите најдобри ќе бидат испратени во НАСА. Изборот ќе се прави во средината на декември, а најдобрите проекти во НАСА ќе бидат испратени во јануари или февруари. Тоа ќе им овозможи на девојчињата стипендии и ќе можат да го продолжат школувањето – информираше Ацовска.

Седиштето на организација „Girl Up“ е во Вашингтон и е поддршана од фондацијата на Обединетите Нации.  Оваа организација има 3.300 клубови во 120 земји.

(А.П.)