ХАМАС СЕ ОГЛАСИ – има еден услов во однос на усогласениот рамковен договор од Катар

415

Претставниците на Израел, САД, Египет и Катар се договорија за рамка за ослободување на заложниците и пауза во борбите во Газа, додека потенцијалниот договор, постигнат на разговорите во Париз, ќе биде испратен денеска до Хамас, открија официјални лица вечерва.

Договорот, наводно, ќе овозможи етапно ослободување на заложниците, од кои остануваат повеќе од 100, држени од Хамас, заедно со паузите во борбите и испораката на помош за Газа.

Се очекува да бидат ослободени и палестинските затвореници кои ги држи Израел. Катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани рече дека договорот се уште треба да му се предаде на Хамас, но дека е постигнат „добар напредок“.

„Израел не се согласува со крајот на војната“
Тој рече дека се надева оти Хамас „ќе се вклучи позитивно и конструктивно во процесот“. Американскиот претседател Џо Бајден го покани на разговори за овие прашања минатата недела.

Израелската телевизија Канал 12 објави дека рамката вклучува 45-дневна пауза во борбите во замена за ослободување на 35 заложници. Може да бидат ослободени и до 250 Палестинци.

Израелски Хаиом, весник на хебрејски јазик, рече дека израелските пратеници наводно им кажале на преговарачите дека нивната влада нема да се согласи да ја прекине војната.

Претставниците на Мосад и Шин Бет, наводно, рекле дека Израел е подготвен да преговара за пауза во борбите, ослободувањето на затворениците и испораката на помош. Од кабинетот на израелскиот премиер соопштија дека некои извештаи за условите од договорот не се точни и нема да бидат прифатени.

Се огласи и Хамас
Висок функционер на Хамас рече дека терористичката група сака „целосен и сеопфатен прекин на огнот“ во Газа, откако катарскиот посредник претходно изјави дека се предлага рамка за привремено примирје.

– Најпрво, зборуваме за целосен и сеопфатен прекин на огнот, а не за привремено примирје – изјави Тахер ал Нуну за „Франс прес“, велејќи дека кога борбите ќе престанат, „може да се разговара и за други детали“, вклучително и ослободување на заложниците.