Франција ќе овозможи бесплатна контрацепција за жени до 25 години

18

Франција ќе овозможи бесплатна контрола на раѓање за жени помлади од 25 години, врз основа на новата мерка што ќе ја чини државата 21 милиони евра годишно, потврди денеска францускиот министер за здравство Оливие Веран.

Како што е наведено, мерката ќе вклучува и бесплатни медицински прегледи поврзани со контрацепција и ќе започне на 1 јануари.

„Некои млади жени доживуваат пад во употребата на контрацепција, главно од финансиски причини“, изјави Веран за телевизијата Франс 2, пренесува Ројтерс.

Тој нагласи дека е недозволиво жените да не можат да се заштитат и дека не можат да имаат пристап до контрацепција, доколку сакаат да направат таков избор, бидејќи тоа им е прескапо.

Објавувањето на новата политика доаѓа во време кога владата на претседателот Емануел Макрон се подготвува за изборната кампања во 2022 година, а досега возрасната граница за бесплатен пристап до контрацепција во Франција беше 18 години.

Абортусите во Франција се бесплатни и за сите жени и девојки.