Фановите на фудбалскиот клуб Ливерпул во пресрет на финалето на Лигата на шампионите го преименуваа Плоштадот Маргарет Тачер во Мадрид во Плоштад Џереми Корбин.

Шпанската престолнина стана првиот град во светот кој именуваше плоштад според контроверзната поранешна ториевска премиерка чиешто политичко наследство не се цени во Ливерпул.

– Ливерпул е работнички град кој ја поддржува работничката (лабуристичката) партија, вели Пол Доерти еден од фановите на фудбалскиот клуб.

Тој додава дека кога ја виделе таблата со името на плоштадот, се изнервирале и го преименувале според своја волја.

-Не ни се допаѓа што таа жена ја слават во една странска земја каде што воопшто не можат да ја разберат штетата која таа ја предизвика во мојата земја, вели Доерти за Индипендент.

Инаку, одлуката плоштадот во Мадрид да се именува според Тачер беше донесена во 2014 година од страна на тогаш владејачката шпанска Народна партија.

Во 2015 година, левичарската градоначалничка на Мадрид, Мануела Кармена навести дека ќе настојува да се промени името на плоштадот. Наводно таа рекла дека „не сака простор наменет за јавно користење да биде наречен според Железната Дама која ги пороби работниците“.