Учениците од Аеродром се закитија со награди и заминаа на летен распуст

149

Голем број ученици од основните училишта од Општина Аеродром на крајот на учебната година освоија награди од областа на математиката и заслужено замина на летен распуст. На 44. државен натпревар по математика за учениците од основното образование што се одржа во Скопје, учествуваа 232 ученици од целата држава, а аеродромските ученици се покажаа во најубаво светло.

Осмоодделенецот Христијан Петрески од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ освои прва награда, а второто место отиде во рацете на Никола Цветановски од осмо одделение од истото училиште. Алексиј Тасиќ и Кирил Левески од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ ја освоија втората награда во категоријата седмооделенци, а на третото место од истата категорија се пласираа Милијана Стојановиќ од ООУ „Лазо Ангеловски“ и Теодор Јовановски од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“. Деветтодделенецот Давид Ставров од ООУ „Александар Македонски“ ја освои третата награда на овој државен натпревар.

Исто така, за учениците од седмо, осмо, деветто одделение и прва година средно училиште (до 15,5 години) се организираше Јуниорска македонска математичка олимпијада, на која учествуваа 48 ученици од целата држава.  Давид Ставров, деветтодделенец од ООУ „Александар Македонски“ се закити со златен медал, а бронзените медали отидоа во рацете на Алексија Тасиќ, Никола Цветановски и Христијан Петрески од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“.