Од 400 до 500 граѓани секој ден добиваат топол оброк преку проектот „Оброк за сите“ што го спроведува невладината  „Сите сити“ – Ајде Македонија во соработка со Црвениот крст на Град Скопје. Денеска во просториите на Пунктот за бездомници во Момин Поток, крај Скопје, јавно беше презентирана имплементацијата на овој проект чија цел е со добра работа и поставеност да се стигне до бројката од 1.000 граѓани на целата територија на Македонија кои нема да бидат гладни.

-Станува збор за иновативно решение кое ќе може да помогне на голем број на социјално – загрозени граѓани. Овој пилот проект трае веќе еден месец и дел од донираната храната која е вишок со помош на Црвениот крст на Град Скопје се дистрибуира на оние на кои што им е најпотребна – изјави претседателот на „Сите сити-Ајде Македонија“, Блаже Јосифовски.

Проект всушност е поделен во три дела. Првиот дел опфаќа секоја среда да се доставува храна за бездомните лица во Пунктот за бездомници. Вториот дел од проектот се однесува на старите и изнемоштени лица кои не можат сами да си подготвуваат храна. Таа им се доставува два пати неделно, додека дел од храната се носи во други кујни од понеделник до петок.

– Нашите мобилни тимови одат кај нив им ја доставуваат храната. Посетата на мобилните тимови за нив значи многу. Со ова правиме и им овозможуваме да имаат поквалитетен живот. Со овој проект се зголемува и социјалната одговорност кај младите луѓе – изјави секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска.

Третиот дел од проектот, пак, е подготовка на месечни пакети за руралните средини во Прилеп и во Куманово за оние социјално-загрозени лица кои имаат живеалишта и можат да подготват храна, но им недостигаат намирници.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска вели дека го поддржуваат овој проект бидејќи им овозможува поквалитетен живот на граѓаните и треба да се преточи во законско решение.

– Со тоа системски ќе го надминеме проблемот со вишокот на храна и ќе им помогнеме на граѓаните – истакна Царовска.

Од „Сите сити“ очекуваат уште пет месеци овој проект да биде пилот проект.

– Дополнително правиме анализи и собираме податоци, па потоа во период од три месеци да дадеме едно соодветно иновативно предлог-решение до Министерството за труд и социјална политика – вели тој.

Додека се презентираше пилот- проектот, дел од бездомниците беа во новоотворената трпезарија во Пунктот во Момин Поток. Тие сега се задоволни од храната и начинот на кој таа им се служи. Енвер Сулејмани кој живее во селото Крушопек, на територијата на општината Сарај, вели дека во Пунктот доаѓа за храна и за да се искапе. Иако, вели дека има седум деца , никој не сака да чуе за него.

– Не сакаат да ме видат. Сега живеам во подрум од куќата која што јас сум ја градел. Таму има две соби, но не се соодветни за живеење, а немам пензија, па морам да се снаоѓам на ваков начин – вели Сулејмани.

И други велат дека доаѓаат во Пунктот за капење и за храна, но велат дека некои од нив несовесно се однесуваат со водата, ја трошат топлата многу брзо, па за останатите не останува.

Министерката Царовска истакна дека бездомниците можат да се згрижат во домот „Ранка Милановиќ“, во Визбегово, но некои од нив не прифаќаат, иако им е понудено сместување.

(А.П.) – Фото: П.С.