„Учебници и настава мора да има“ со претставки до омбудсманот и Антикорупциска

160

Родителите од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска поднесоа претставки до народниот правобранител, како и до Антикорупциската комисија бидејќи, како што посочуваат, Министерството за образование и наука не го почитува постоечкиот Закон за учебници за основно и средно образование. Ова за весникот ВЕЧЕР го потврди Драгана Спасевска, претставник на иницијативата „Учебници и настава мора да има“.

„МОН еклатантно ги крши правата за образование и правата во образование на децата. Ги повикуваме сите релевантни институции да застанат во одбрана на правата на граѓаните како поединци, а во тие рамки и правата на децата гарантирани со меѓународните акти ратификувани во согласност со Уставот, кои претставуваат дел од внатрешниот правен поредок. Да го запрат МОН во понатамошното спроведување на погубните реформи и да се обезбеди национален дијалог за понатамошните чекори во делот на обезбедување подобри услови и образование по мерка на децата“, стои во претставката на иницијативата доставена до народниот правобранител.

Како што истакна Спасевска, овие претставки се поднесени по истражувањето кое иницијативата од 1 до 30 септември го спровела, и од добиените информации од Бирото за развој на образованието и поголем број основни училишта во нашата земја. Добиените информации, како што посочи Спасевска, се дека учениците од прво и четврто одделение кои следат настава според новата концепција немаат учебници, туку само имаат материјали за учење. „Учебникот не е единствено средство за стекнување на знаења и на наставниците им се остава простор оригинално и креативно да им понудат на учениците и други извори на знаења“, ѝ било одговорено на иницијативата од надлежните. Според граѓанската иницијатива со ова се прекршува правото на еднаков пристап до училишните услуги за сите и дополнително се поттикнуваат форми на сегрегација.

Дополнителен доказ за тоа дека Владата и МОН ги кршат правата за образование на децата во делот на еднаквиот пристап, според „Учебници и настава мора да има“, говори и сумативниот извештај од истражувањето. „Имено, во 88 (осумдесет и осум) основни училишта кои одговориле на барањето, во учебната 2021/2022  запишани се вкупно 4.380 ученици во четврто одделение. Од МОН биле доставени 1.263 печатени материјали за учење и 867 дигитални уреди, дополнително локалната самоуправа и училиштата обезбедиле 581 дигитален уред, 191 дигитален уред биле добиени од самофинансирање и донации што значи дека 1.478 ученика, односно 28,8 %, се без никаков материјал за учење (печатен и дигитален). Со тоа индиректно им се наметнува обврска на родителите да обезбедат дигитални уреди или да ги печатат материјалите за учење со што основното образование станува селективно и недостапно под еднакви услови за сите“, е наведено во претставката до народниот правобранител.