УЕФМ: Донесовме одлука, како алтернатива на ЕУ, да ја избереме ЕУ!

243

После тешката одлука на претседателот Макрон, ние во Македонија се договоривме дека ЕУ не е единствена опција за нас. Секогаш има втора или трета опција. Донесовме одлука, како алтернативата на ЕУ, да ја избереме ЕУ!”. Ова го истакна Петар Богојески при неговото обраќање пред Федералниот Комитет на Унијата на европски федералисти на конференцијата која се одржа викендов во Рим. УЕФ е паневропска, политичка организација при Советот на Европа, посветена на промовирање на европското политичко единство, а македонските федералисти и официјално станаа дел од европската организација.

-УЕФМ станува член на УЕФ, а со тоа Македонија добива посилни позиции во Советот на Европа, местото каде треба да се донесе одлуката за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ. Европската Унија е исклучително сложен организам, во рамките на која функционираат многубројни институции, политички групации и организации. Таков пример е и УЕФ, која е исклучително влијателна политичка организација со најголема традиција, изјави за весникот Вечер претседателот Богојески.

Тој вели дека Европските федералисти се критични за политиката на бавно темпо и мали чекори, што го спречува напредокот кон поголема европска интеграција. Шовинизмот, евроскептицизмот и пасивното прифаќање на проширувањето ги сметаат како најлоши непријатели на Европа.

-Таа е најстарата европска организација, основана веднаш по Втората светска војна, во вербата дека само со обединување во Европска федерација државите на Европа би можеле да ги надминат поделбите од минатото и да обезбедат иднина на мир и економски просперитет. Во текот на изминатите 70 години, УЕФ е водечки глас во промовирање на европското единство и ран поборник за клучни пресвртници во развојот на Унијата, вели Богојески.

Балансот помеѓу заложбите за продлабочување на ЕУ и оние за проширување е најдоброто решение во овој момент. Богојески тврди дека само со промовирање на тоа решение, на Македонија ѝ е обезбедена отворена порта кон целосна интеграција на ЕУ. Секогаш кога преовладува едното или другото мислење, доаѓа до затворање на процесот на проширување, нешто слично на она што го видовме оваа година со одлуката на претседателот Макрон.

На прашањето на „Вечер“ за актуелната политичка состојба во земјава, Богојески се сретнува со сериозна загриженост кај авторитетите во ЕУ за недостатокот од про – европска опозициона понуда во Македонија. Огромното влијание на минатото врз политиките на ВМРО ДПМНЕ е повеќе од обесхрабрувачки фактор. Се бара алтернатива за решавање на таа состојба. Истото така, загрижува воздржаноста на Владата на СДСМ да ги води процесите и да ја одржи политичката и економска стабилност во земјата.

-Изненаден сум од темелното познавање на состојбите во нашата држава кај проевропските активисти, кои се подготвени за поддршка на нашите аспирации за полно интегрирање во ЕУ. Претставниците на сите политички групации, како ЕНП, АЛДЕ, Зелените и сл. се исклучително позитивни во таа насока. Поддржувачите на политиките на претседателот Макрон, беа во фокусот на нашите активности” – истакнува Богојески.

На Федералниот Комитет во Рим присуствуваше и потпретседателот Стефан Апостолоски кој за весникот „Вечер“ изјави: “УЕФ е голем пријател на аспирациите на Македонија, без чие членство во ЕУ нема да дојде до исполнување на европското економско и политичко единство. Преку полната интеграција на земјава ќе се обезбеди економски просперитет и релевантност, а Европа ќе покаже посветеност во намерата за брзо менување на светот”.