Епидемија на работни места во државни јасли, плата и над 500 евра 

НОВ БРАН НА ВРАБОТУВАЊА ВО МИНИСТЕРСТВАТА И ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ Најголемиот дел од лицата што ќе се вработат во државни установи на неопределено време веќе се ангажирани со договор на определено време. Потврда за тоа е што преку Агенциите за привремени вработувања во јавниот сектор, работно се ангажирани вкупно 2.439 лица кои сè уште не се официјално вработени

321

Министерството за информатичко општество и администрација вработува 35 лица, плата до 32.867 денари, Министерството за економија вработува пет лица, плата до 38.689 денари, 13 работници се бараат во Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – платите се движат во зависност од работното место до 28.402 денари, додека Центарот за управување со кризи ќе вработува 8 државни службеници – плата до 32.636 денари… и уште многу вакви огласи деновиве се објавени од страна Агенцијата за администрација.

И покрај тоа што Европската комисија постојано реагира дека имаме превработеност во државните органи, само во моментов објавени се вкупно 58 огласи со што треба да се вработат над 220 лица, а дел од нив се наменети за вработувања во општини, училишта, во кабинетот на премиерот и генералниот секретаријат на Владата. Преку овие огласи предизборно треба да се вработат “партиски послушници” кои ќе земаат плати далеку поголеми од поголемиот број на граѓани кои работат во приватниот сектор. Потврда за тоа е што според Државниот завод за статистика просечната плата во земјава за септември достигна 25.435 денари, а во државниот сектор платите се повисоки.

Токму од овие причини се гледа дека нема да заживее идејата на Владата дел од вработените од државниот сектор што се вишок  да бидат упатени во приватните фирми. Ниту тие би сакале да работат за помала плата, ниту приватниците сакаат во своите фирми да вработат мрзливи административци.

-Ако на целиот процес гледаме низ позитивна призма, ако процесот е транспарентен и нема да има замешано никакви политики, ќе може да се реализира. Имаме прегломазна администрација на која одат многу пари, а приватниот сектор се бори за работници, во неколку наврати велеше премиерот Зоран Заев.

Македонските граѓани негодуваат, оти според нив која и да е гарнитура на власт секогаш пред избори се случуваат најголемите партиски вработувања, при што никој од нив не мисли на обичниот човек.

Најголемиот дел од лицата што ќе се вработат во државни јасли на неопределено време веќе се ангажирани со договор на определено време и работат со месеци во овие институции. Потврда за тоа е што преку Агенциите за привремени вработувања во институциите на јавниот сектор, работно ангажирани се вкупно 2.439 лица кои во моментов сè уште не се вработени.

Со години наназад на оваа тема има реакции не само од граѓаните туку и од експертите, невладини организации и здруженија. Транспаренси интернешнл-Македонија кои повеќе пати укажаа дека намерно при донесувањето на законите се оставаат дупки, се донесуваат подзаконски акти за да можат политичарите да си овозможат вработувања според нивните потреби. Тоа, според нив, најмногу е изразено во здравствениот сектор каде на директорите на јавните установи им е дозволено лично да одлучуваат кого ќе вработат.

Во просек годишно во јавната администрација се вработуваат околу 5.000 лица

Анализите што ги направи весникот Вечер, користејќи ги податоците на  Регистарот што се води во Министерство за информатичко општество и администрација, покажуваат дека заклучно со декември лани во македонската  државна администрација работат 132.068 лица кои имаат засновано работен однос во вкупно од 13.142 институции на јавниот сектор.

Споредено со 2017 година, бројот на вработените во институции од јавниот сектор е зголемен за 3,346, односно вработени за една година се околу 4.650 лица. Ова е само показател дека годинава оваа бројка ќе биде надмината, а со тоа ќе порасне и бројот на вработени во државните институции и ќе достигне околу 140.000 вработени, бројка која секогаш е критикувана од челниците на Европската Унија, кон која претендираме да бидеме дел од неа.

Просечната возраст на вработените во јавниот сектор во  земјава изнесува 45.95 години. Најмногу се на возраст од 46 до 55 години, што претставува 29,65% од вкупниот број вработени. Потоа следат возрасната група 36-45 години во која припаѓаат 26,16% вработени, возрасната група 56-64 години со 22,43%. Најмал е процентот на младите кои се вработуваат под државна капа, па така на возраст 26-35 години се 18,93% од вкупниот број вработени во јавниот сектор, додека на возраст од 18 до 25 години се 1,85% од вработените.

Сепак, најмалку застапена е возрасна група над 64 години во која припаѓаат едвај  0,98% од вработените.

Најголемиот дел од вработените во јавниот сектор се Македонци и тоа 74,88%, Албанци 22% се Албанци, околу два отсто Турци и 1,2% се Роми. Останатите групи на народи се уште помалку во кои влегуваат Срби, Бошњаци и Власи.

 Македонија трета во светот по младинска невработеност

Додека се води трката за вработување под капата на државата младите во земјава се без работа или ги пакуваат куферите со карти во еден правец заминуваат во странство. Заминуваат од секаков вид на образование и малкумина од нив планираат да се вратат.

Процените на Меѓународната организација на трудот велат дека со 50.1% младинска невработеност, Македонија била на трето место во светот по невработени млади во 2017-та.

На листата што ја објави Светска банка со поголема невработеност се само Јужна Африка со стапка од 54.2% и Босна и Херцеговина со 67.5%.

Од регионот, пак, освен Босна најголема младинска невработеност има Грција  каде стапката достигна 47.4%, Србија со 33.7%, Хрватска со 29.4%, Словенија со 15.4% и Бугарија со 15.0% невработеност на младите генерации до 24-годишна возраст.

Според дефиниција млади невработени се лицата од 15 до 24 години кои се подготвени да работат и кои презеле активности да најдат работа во последните четири недели.

Невработеноста низ статистички бројки

Најмногу невработени имало во 2005 година во времето кога СДСМ била на власт. Во првиот квартал како што покажуваат податоците на Државниот завод за статистика невработеноста изнесувала 38,7%, потоа од 2006 па до денес постојано се намалува, за да достигне под 20 проценти.

За споредба кога државата се осамостојуваше во 1991 година невработени била 22,9% од популацијата.

Според ДЗС во второто тромесечие од годинава бројот на активното население во Македонија достигна 962.463 лица од кои 794.283  се вработени, а 168.180 има невработени лица.

Стапката на невработеност во второто тромесечие од годинава падна на рекордни 17,5 што, како што посочи премиерот Зоран Заев, тоа се должи на порастот на вработувањата кои во овој период пораснале и достигнале 4.892 лица. Според него, стапката е намалена не заради државните вработувања, туку заради тоа што поголем број се реализирани во приватниот сектор.

Во Агенцијата за вработување во моментов се слободни 7.203 работни места од кои најголемиот број се во Скопје и достигнуваат 4.529 работни места од сите профили. За останатите места во државата се резервирани 2.674 работни места и тоа најмногу од нив се во поголемите градови на земјава, во некои речиси и да не се бара вработување. Најголемиот дел од овие слободни работни места се резервирани за државниот сектор.

Пензионери во земјава се 314.000 лица кои земаат редовно пензии што се усогласуваат со растот на животниот стандард.

(В.Ма.)

Државен советник зема плата од 56.100 денари

Порталот Јавна администрација – www.javnaadministracija.mk ги објави работните позиции согласно систематизацијата на работни места во јавната администрација на Северна Македонија.

Дополнително, за секоја од работните позиции наведена е нето платата.

Вкупно постојат 4 категории и 17 работни позиции:

А1 – државен секретар, нето плата: 56.100 денари

А2 – генерален секретар, нето плата: 48,744 денари

А3 – секретар на Град Скопје, нето плата: 46,363 денари

А4 – секретар на општина во град, нето плата: 42,923 денари

А5 – секретар на општина во село, нето плата: 38,160 денари

Б1 – државен советник, нето плата: 38, 689 денари

Б2 – раководител на сектор, нето плата: 37,631 денари

Б3 – помошник раководител на сектор, нето плата: 32,868 денари

Б4 – раководител на одделение, нето плата: 29,693 денари

В1 – советник, нето плата: 26,253 денари

В2 – виш соработник, нето плата: 24,402 денари

В3 – соработник, нето плата: 23,608 денари

В4 – помлад соработник, нето плата: 22,020 денари

Г1 – самостоен референт, нето плата: 16,464 денари

Г2 – виш референт, нето плата: 15,670 денари

Г3 – референт, нето плата: 14,877 денари

Г4 – помлад референт, нето плата: 13,818 денари