Бездната до насипот на реката Вардар во населбата Аеродром и натаму не е соодветно обезбедена. Весникот ВЕЧЕР на самото место забележа дека една од таблите што биле поставени за да предупредат на опасноста е паднато во бездната. Жолтите ленти на повеќе места се скинати и лежат на земја. Овој простор порано беше ограден со лимени табли, но од поодамна се отстранети. Од ЦУК велат дека очекуваните претстојни ниски температури проследени со снежни врнежи или појава на голомразици, како и ерозијата која полека ја „грицка“ патеката на насипот, дополнително ја зголемуваат можноста некој да падне

 

Бездна длабока 30-ина метри до насипот на реката Вардар во Аеродром и натаму не е соодветно обезбедена. Станува збор за голема површина што се протега од зад хотелот Русија, па сè до мостот Близнак и е потенцијална опасност во неа некој да падне и да се повреди, или не дај Боже загине бидејќи провалијата е длабока и почнува веднаш до пешачката патека на насипот која најчесто ја користат повозрасни лица или жители кои ги шетаат своите миленици, трчаат, возат велосипед.

На опасноста на ова место и неговото обезбедување со ограда, а не како што е сега направено со жолта лента оптегната од бандера до бандера, пред еден месец алармираа од Центарот  за управување со кризи. Оттаму истакнаа дека мора сериозно да се земе во предвид зголемената опасност од речиси вертикалната страна, која во должина од педесетина метри го следи работ на горната пешачка патека и претставува голема опасност за пешачите, велосипедистите и лицата кои со електрични тротинети се движат на овој потег, особено ноќно време кога видливоста е значително намалена. Од ЦУК велат дека очекуваните претстојни ниски температури проследени со снежни врнежи или појава на голомразици, како и ерозијата која полека ја „грицка“ патеката, дополнително ја зголемуваат можноста некој да падне, дали станува збор за човек или некое животно.

Весникот ВЕЧЕР на самото место забележа дека една од таблите што биле поставени за да предупредат на опасноста, е паднат во провалијата. Жолтите ленти на повеќе места се скинати и лежат на земја. Овој простор порано беше ограден со лимени табли, но од поодамна се отстранети.

– Од страна на Град Скопје итно беа преземени мерки за делумно намалување на опасноста со поставување на знаци за забрането движење и заштитна лента со укажување дека во наредниот период ќе се постави и лимена заштитна ограда. Воедно Градот Скопје извести дека самата провалија е во надлежност на општина Аеродром. За жал неколку дена подоцна, несовесни граѓани ја скинале заштитната лента, ги откорнале знаците за опасност и ги фрлиле во провалијата – вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Инаку, провалијата и целата таа површина обрасната со коров и гранки е во приватна сопственост. На лице место се гледа дека покрај булеварот АСНОМ има приземна карабина. Забележливо е дека таму почнал ископ за да се гради објект, за кој одобрение издала Општина Аеродром, но по прекин на работите, земјиштето останува небезбедно.

При увид во Агенцијата за катастар, било утврдено дека земјиштето каде што се наоѓа провалијата е во приватна сопственост. Општина Аеродром требала да го задолжи сопственикот на земјиштето да го врати во првобитна состојба, односно да се отстрани заканата од одрон и пропаѓање на пешачката патека на насипот што влегува во „мајор“ коритото на реката Вардар.

(С.Бл.)