„Ми недостига оној адреналин кој публиката ми го предизвикува, таа за мене претставува дел од секоја моја претстава, и кога аплаудира и кога поткашлува и кога се смее и кога плаче. Јас мислам дека по оваа трагедија што го снајде светот, музиката ќе им биде уште попотребна на луѓето, а ние уметниците ја имаме таа одговорност уште повеќе да допираме до душите на сите наши слушатели/гледачи“, вели Нацоски кој на 12 јули ќе настапи на концертот во Милано посветен на жртвите од коронавирусот

 

На социјалните мрежи го најавивте својот прв настап по повеќе од четири месеци и по карантинот на кој бевме принудени поради пандемијата на коронавирус. Кажете ни нешто повеќе за самиот настан.

На 12 јули, значи речиси по токму пет месеци тотална апстиненција од сцената (мојата последна оперска претстава беше на 16 февруари), ќе ја пеам тенорската партија во Моцартовиот Реквием во Милано. Концертот ќе се одржи на отворено и во него ќе учествуваат три различни хора од Милано со кои јас имам соработувано и во минатото. Хорот Intende Voci Chorus од Милано изгуби една своја членка од ковид-19 и овој концерт ќе ѝ биде посветен нејзе и на уште неколку личности од Милано поврзани со оваа пандемија. Сето тоа е во организација на „Фестивалот Лидеријада“ со кој имам одлична соработка во изминативе пет години. Tие организираат богата концертна сезона во Милано, пред сè посветена на камерната музика, би го споменал, на пример, рециталот со музика од македонски современи композитори кој го одржав за нив во 2015-та.

Кога пред повеќе од десет дена уметничкиот директор ми се јави да ми го понуди овој Реквием, јас на телефон буквално не му ни дозволив да заврши со деталите и само му реков „прифаќам“.

Инаку за време на концертот ме замолија да одржам и краток говор посветен на нас уметниците, односно да кажам неколку збора околу тоа дека ние сме една од најпогодените категории од оваа пандемија и дека невозможно е еден уметник да не твори толку долго време. Еден вид и протест од друга страна дека властите треба да бидат почувствителни кон нашата категорија.

Под кои услови ќе се одржува настанот со оглед дека пандемијата сè уште трае, а има и новозаразени?

Деновиве зборував со уметничкиот директор на настанот кој ми кажуваше дека е комплицирано да се организира овој настан, но тоа им го должиме на жртвите и истовремено мора да почнеме со изведби. Има протоколи што ќе треба да се почитуваат, еден куп дозволи што се добиваат од градските и од санитарните власти. Инаку, хорот ќе биде распореден на тој начин што помеѓу секој хорист ќе има доволно растојание за да не мора да пеат со маски. Што значи ќе биде окупиран еден голем простор за овој концерт. Кај нас солистите се разбира е полесно бидејќи сме само четворица, јас како тенор, Антонела Матарацо како сопран, Кули Томингас од Финска како алт и Алесандро Равазо како бас. Другите детали сè околу практичната изведба на концертот. Сега освен мојата подготовка од музичко-вокална гледна точка за настанот истовремено треба да подготвам и еден силен говор, бидејќи избран сум токму јас да ја пренесам пораката за уметниците.

Какво е чувството за еден уметник конечно да добие можност да застане на сцената по изолација и подолг период исполнет само со информации за бројот на заразени и починати?

Јас најискрено едвај чекам да се случи сето тоа, бидејќи сцената силно ми недостига. Ми недостига оној адреналин кој таа ми го предизвикува, ми недостига публиката, која за мене претставува дел од секоја моја претстава, и кога аплаудира и кога поткашлува и кога се смее и кога плаче.

Јас мислам дека по оваа трагедија која го снајде светот музиката ќе им биде уште попотребна кај луѓето, а ние уметниците ја имаме таа одговорност уште повеќе да допираме до душите на сите наши слушатели/гледачи.

Што се однесува до ситуацијата во Џенова, значи град колку Скопје по големина, веќе подолго време немаме ниту еден случај на интензивна нега, а новите заразени (кои се многу малку) се или асимптоматични или со лесни симптоми така што остануваат во домашна изолација. И Милано веќе нема хоспитализирани на интензивна нега и исто така и таму новите заразени се асимптоматични. Сакам да кажам дека ситуацијата во Италија е навистина одлична, бројките паѓаат секојдневно.

 

Какви се протоколите за одржување на културните настани во Италија која беше жариште на ковид-19 и од кога е дозволено да се одржуваат и во која форма?

Културните настани во Италија се дозволени под силни мерки, публиката со маски и генерално се дозволени 200 присутни на затворен настан и 1.000 на отворено, меѓутоа во договор со локалните власти и во зависност од големината на објектот или просторот може да се поднесе барање и за исклучоци. Оперска претстава сè уште со овие мерки не е возможно да се изведе, што значи евентуално само концертно. На пример, во оркестарот најголем проблем се дувачките инструменти кои предизвикуваат плунка постојано. Сепак протоколите постојано се менуваат, би рекол дека во Италија на секои две недели има нов декрет со кои нештата се менуваат и олеснуваат на некој начин. Се надевам дека набрзо ќе се дојде до стадиум во кој ќе бидеме во можност да даваме оперски претстави без проблеми.

Со оглед дека многу културни настани се откажани какви се Вашите планови по Милано ?

Засега сите мои настапи до декември се откажани. Турнејата во Јапонија е откажана, однеодамна ми е откажана и цела оперска продукција во Шпанија. Од друга страна пак 2021 постојано ми се полни и дури имам понуди што се совпаѓаат една со друга. Постојано сум во контакт со моите менаџери како да ги вклопиме сите настапи, бидејќи јас во моментов имам толку голема енергија и желба за настапување што не сакам ништо да одбијам. Инаку по Милано, односно до декември не знам што ќе биде, чекам да дознаам и како ќе се одвиваат нештата во Македонија, бидејќи имам некој договорен настап.

Генерално сум оптимист, се надевам дека нема да има некој силен втор бран на вирусот на есен или зима, верувам дека медицината ќе направи гигантски чекори во овој период, па ќе видиме.

Што е она што ве разочарува, а што ви дава сила во овие моменти?

Ме разочарува фактот што во Македонија има огромен процент на наши сограѓани кои не веруваат во постоењето на овој вирус и мислат дека ова е некаква завера. Тоа е ужасно кога го читам и претпоставувам дека е главната причина што во Македонија (па и кај соседите на Балканот) ситуацијата се влошува. Нека си ја преиспитаат совеста сите тие „неверници“ или, пак, ако сакате „завереници“. Разочаран сум и од тоа што генерално за културата никој не е заинтересиран, со исклучок на Германија и Австрија да речеме. Во останативе земји, особено во јужниот дел на Европа, некако сме подзаборавени и тоа го сметам за трагично! Инаку сила ми дава фактот што јас по природа сум оптимист, позитивен, упорен, ентузијаст итн.

Тие мои карактеристики ме доведоа во Италија на само 19 години и си ги остварив сите цели со упорност и работа. И во моментов силата ја црпам од сето тоа.

Која е вашата порака упатена до граѓаните?

За време на оваа пандемија, односно оваа борба со невидливиот непријател сфативме дека сите луѓе сме исти, вирусот е најдемократското нешто што постои, така што да не заборавиме дека сме сите еднакви и кога ќе исчезне, да се почитуваме СИТЕ подеднакво еден со друг.

А уште повеќе да си ја почитуваме и планетата на која живееме, таа ни е една и единствена и во моментов не е откриена друга планета која би нè прибрала.

 

Даниела ТРАЈКОВСКА