„Тело“ на Петра Селишкар со финансиска поддршка од Еурoимаж

128

Долгометражниот документарен филм „Тело“ во режија на Петра Селишкар е еден 17-те меѓународни филмски копродукциски проекти кои добија финансиска поддршка од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еурoимаж.

„Оваа одлука е донесена на 161-ва сесија на Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела, одржана од 7- 11 декември годинава“, информираше националниот претставник во Еурoимаж, Татјана Пепељугоска.

Филмот „Тело“ е копродукциски проект меѓу Словенија, Хрватска и Македонија. Македонскиот копродуцент „ППФП“ од Скопје, кој главно е фокусиран на продукција на документарни филмови, е и основач на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс и МакеДокс патувачкото кино.

Инаку, во 2020 година Еурoимаж финансиски има поддржано четири филмски проекти во кои свое учество имаат продуценти од нашата држава. Покрај „Тело“, претходно поддршка добија и проектите „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова, „Зад стоговите сено“, кој е прва копродукција меѓу Грција, Македонија (Сектор филм од Скопје) и Германија по потпишување на Преспанскиот договор, како и „Мојата мајка е космонаут“ во режија на Анди Делиана, албанско-македонска копродукција со учество на македонскиот продуцент „Дрим фектори“ од Скопје.

Европскиот фонд Еурoимаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.136 копродукциски проекти со вкупен буџет од 619 милиони евра, а поддршката не само што е важна за финансискиот аспект на филмските буџети, туку претставува и дополнителна можност и перспектива за циркулација на проектите во другите европски држави.