Татко и син гладни и жедни живеат под ведро небо во населба Ченто

8513

Двајца бездомници, татко и син, долго време живеат под ведро небо во Житиште, населба Ченто. Изложени на дожд и на сонце, живуркаат во дворот на старата амбуланта која сега е урната. Оваа трогателна приказна ја раскажува Светле Јовановска , сакајќи тие да бидат соодветно згрижени и да им се помогне. Таа апелира доколку некој може да им понуди каква било храна, иако јадат само конзерви, леб, јогурт, нешто за кое не треба приготвување, бидејќи немаат ниту шпорет, ниту решо. Исто, така немаат вода, потребна им е и облека, а добредојдена би била и постелнина, а координаторката на Пунктот за бездомници во Момин Поток на Црвениот крст на град Скопје, Драгана Лазевска, вели дека професионално и одговорно ќе ги преземе обврските за да се реализира теренска проценка на потребите и итноста на двете бездомни лица

Двајца бездомници, татко и син, долго време живеат под ведро небо во Житиште, населба Ченто. Изложени на дожд и на сонце, живуркаат во дворот на старата амбуланта која сега е урната, а е покрај патот за Арачиново, веднаш до последната станица на автобусот со број 45.

Светле Јовановска вели дека случајно дознала за бездомниците, откако претходно му носела храна на улично куче, кое потоа станало нивен другар, и сега престојува кај нив.

– Тогаш ме поздравија, а јас им одвратив од учтивост, бидејќи и тие се луѓе. На почетокот спиеја на земја, но сега забележав дека имаат два душека, ќебиња и најлон. Најверојатно некој им ги дал или ги нашле од некаде. Немаат каде да си приготват јадење, немаат каде да се искапат, нема ниту чешма. Во дворот има само едно дрво, но нема доволно сенка, па така цело време се на сонце или на дожд. Кога врне, водата буквално се слева врз нив, целата постелнина им е мокра, па ја сушат на оградата на дворот. А во јуни имаше многу дождови -раскажува Јовановска.

Постојано се гладни и жедни, слаби и изнемоштени, а Јовановска вели дека им дава по некоја паричка да си купат леб.

– Иако се гладни, пари не бараат, се срамат. Единствено што последен пат ми побараа е чадор. Мојата плата е мала, а мажот ми нема постојана работа. Можеби е малку тоа што им го давам, иако ми се кине срцето кога ги гледам. Јас не сум моќна. Би сакала да им зготвам нешто, но не можам, не готвам ниту за нас, бидејќи имам проблеми со здравјето  – објаснува Јовановска.

До неа допреле информации дека таткото и синот се во ваква состојба бидејќи наводно ја изгубиле бараката во која претходно живееле.

Таа апелира доколку некој може да им понуди каква било храна, иако јадат само  конзерви, леб, јогурт, нешто за кое не треба приготвување, бидејќи немаат ниту шпорет, ниту решо. Исто, така немаат вода, потребна им е и облека, а добредојдена би била и постелнина. Вели дека оваа трогателна приказна ја раскажува на јавноста сакајќи тие да бидат соодветно згрижени и да им се помогне.

За овој случај се обративме до Пунктот за бездомници во Момин Поток, на Црвениот крст на град Скопје, каде што има можност бездомниците да се искапат, да добијат храна, чиста облека, лекарска помош, но и да бидат потстрижени.

Координаторката на овој пункт, Драгана Лазаревска, вели дека конкретно за таа локација до сега не пристигнала никаква пријава за да интервенираат на терен. Но, таа нагласи дека професионално и одговорно ќе ги преземе обврските за да се реализира теренска проценка на потребите и итноста на двете бездомни лица.

– Откако ќе се направи теренска проценка за нивните потреби и проблеми соодветно ќе се реагира до релевантните институции – потенцира Лазаревска.

(А.П.)