Тавила: Македонското здравство е на високо ниво и подготвено да се справи со корона вирусот 

159

Нема случаи со корона вирус во државава и нивото на подготвеност е многу високо. Министерството за здравство и другите владини структури се подготвени да одговорат во случај на детекција, пред сè, за брза детекција на случај со новиот корона вирус.

Светската здравствена организација (СЗО) веќе прогласи меѓународен настан од меѓународен ризик.

-СЗО е целосно посветена и ќе продолжи со поддршка за сè што е потребно. Мора да останеме внимателни и фокусирани, но нема потреба да грижа, вели шефот на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје, Жихан Тавила.

Таа и министерот за здравство Венко Филипче присуствуваа на состанокот на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Тавила рече дека е задоволна од исходот на состанокот на Комисијата за заразни болести, пред сè во однос на подготвеноста на земјата да одговори во случај на импортација на лица со корона вирусот.

Тавила ги повика граѓаните да бидат внимателни и доколку имаат некои симптоми со респираторниот систем, како кашлање или треска, да побараат совет од доктор, како и да останат подалеку од луѓето кои имаат настинка.

– Најважна работа во оваа ситуација е високото ниво на хигиена и задолжителното миење раце. Така можеме да се заштитиме самите. Бидејќи СЗО прогласи меѓународен настан од меѓународно значење ќе се зголеми и ризикот за можна импортација, ќе се зголеми и будноста, како на нашата канцеларија така и на Комисијата, ќе имаме дневни состаноци и напорите ќе бидат насочени пред сè кон рана детекција на случаи на точките на влез од една страна, а од друга страна ќе се посвети внимание на едукација на здравствените работници за постапки во случај на детекција, посочи Тавила и појасни дека станува збор за нов вирус и сите земји учат со секој нов ден.

Ништо не е фиксно и секој ден се преразгледува тоа што се случува и како да се справиме со новиот вирус, истакна Тавила и додаде дека нивниот фокус е повеќе на обука и подготвеност на здравството.

Министерот Филипче нагласи дека по прогласувањето на јавно здравствена состојба од меѓународен ризик, здравството е подготвено да постапува според меѓународниот здравствен правилник.

 –Се подготвуваме за нешто за кое се уште немаме видлив и сериозен ризик дека може да се случи кај нас, а тоа се голем број заболени од корона вирусот, но го подготвивме целокупниот здравствен систем во однос на кадарот, инфраструктурата, опремата, во однос на точно добивање места кои евентуално би било потребно да ги хоспитализираат пациентите. Чекор или два сме напред и сме целосно спремни да се справиме со овој предизвик иако сме далеку од тој ризик – вели Филипче и додава дека  важат сите мерки кои се имплементираат на аеродромот во Скопје,а се дистрибуира информативен материјал во полициските станици, царината во Скопје, на останатите гранични премини, истакна Филипче и дополни дека дополнителна термална камера ќе се постави на охридскиот аеродром.

Најави дека од понеделник ќе има и дневен брифинг со новинарите за да известуваат навремено и дали евентуално имаат некаква најава дека ќе дојдат патници од Кина.  (В.Ма.)