Законот за Јавно обвинителство во ќор-сокак

88

Без договор заврши и денешната средба на  работната група за Предлог-законот за јавно обвинителство, на која присуствуваа претставници на сите пратенички групи. Без поместувања од ставовите, но со отвореност за нова средба, работната група и партиите ќе си дадат уште една шанса, пред распуштањето на Собранието  да се усогласат за законот за јавно обвинителство.

Министерството за правда по јавната расправа за нацрт-текстот најави дека дел од забелешките ќе бидат вградени во предложеното законско решение. Извори од преговарачкиот тим на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за весникот ВЕЧЕР брифираат дека за правда прифатливи биле само 3-4 забелешки, кои, како што велат, главно се однесувале на технички работи.

За време на дводневната расправа, експертите кои дебатираа за Законот за Јавно обвинителство изнесоа суштински забелешки во најмалку 54 члена од законот кој го предлага Министерството за правда.

Според истите извори, министерката за правда Рената Дескоска не сакала да прифати ниту една од забелешките кои биле дадени на јавната расправа.

-Министерката не прифаќа ниту една суштинска забелешка дадена од Претседателот на Советот на Обвинители, професорите Калајџиев, Тупанчески, Силјаноска, Каракамишева и Климовски – брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата велат дека за време на денешната средба, во неколку наврати укажале дека забелешките на експертите како амандмани треба да вметнат во текстот и да се подобри финалната верзија, но за министерката Дескоска, тоа не било прифатливо.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ценат дека на тој начин, конечната верзија на законот нема да биде поларизирана и исполитизирана.

Артан Груби од ДУИ останал без конкретен одговор- што со актуелниот предлог закон за јавно обвинителство кој е во собраниска процедура и за кого на Комисија беа усогласени 10 амандмани. Интегративците поддржуваат донесување закон за јавното обвинителство, и нагласуваат дека имало многу конструктивна средба помеѓу парламентарните партии околу законот за ЈО на која сите ги дале нивните согледувања, но се разговарало и за препораките од експертите што произлегле од јавната расправа.

– Изразивме жалење за тоа што 10 амандмани што беа прифатени на седница на Комисијата за европски прашања по овој закон не се инкорпорирани во последниот нацрт-закон и се надеваме дека ќе бидат дел од него. Рековме дека би требало да се отслика и Законот за употреба на јазиците во рамки на Јавното обвинителство, а исто така да се намалат критериумите за да се запази правичната застапеност на заедниците во ЈО, изјави Груби во петокот по завршувањето на средбата.

Груби изрази надеж дека ќе се срочи консензуален текст, затоа што, потенцира, се работи за системски закон што би требало да ја има поддршката од сите.

Претседателот на Парламентот, Талат Џафери, деновиве изјави дека има деловничка можност Предлог-законот да биде веднаш ставен на собраниска седница доколку текстот биде усогласен.

– Има таква деловничка можност, изјави Џафери и потенцираше дека сè зависи од волјата на парламентарниот состав.

На неопходноста од донесување на законот за ЈО укажуваат и владините претставници и меѓународната заедница.

Новиот Предлог-закон за јавно обвинителство се очекува да биде донесен до 12 февруари, кога треба да се распушти овој собраниски состав. За неговото донесување неопходно е двотретинско мнозинство.