Страв, вознемиреност и напнатост – психолошка помош побарале над 4.000 граѓани!

Физичкото дистанцирање не треба да го попречи социјалното дружење, а квалитетното време во оваа ситуација да го искористиме за меѓусебна поддршка и охрабрување, велат психолозите. Додаваат дека најтешко поминуваат тинејџерите. Од Министерството за здравство информираат дека на Клиниката за психијатрија се реализирани околу 4.000 телефонски разговори со граѓани кои за време на пандемијата со ковид-19 побарале психолошка поддршка поради симптоми на анксиозност и страв

77

Страв, вознемиреност и напнатост се симптомите кои ги чувствуваат граѓаните во вакви услови на пандемија. Психолозите велат дека анксиозноста и стравот од непознатото е нормален и дека одговорот на оваа ситуација може да биде дневна доза за оптимизам, разговори, како и да се користат интернетот и другите медиумски извори каде што можат да се најдат содржини, како и содржини кои нудат одредени едукативни содржини на кои граѓаните можат да им се посветат во периодите на изолација.
-Физичкото дистанцирање не треба да го попречи социјалното дружење, а квалитетното време во оваа ситуација да го искористиме за меѓусебна поддршка и охрабрување, велат психолозите. Додаваат дека најтешко поминуваат тинејџерите.

– Тинејџерството е тешко само по себе, а болеста коронавирус го прави уште потешко. Со затворањето на училиштата и со откажаните настани, многу тинејџери се лишени од некои најкрупни моменти во својот млад живот – како и од секојдневните моменти на муабетење со пријателите и одење на часови. Тинејџерите што се соочуваат со животни промени поради епидемијата и кои се чувствуваат нервозно, изолирано и разочарано, треба да го знаат ова: Не сте сами! – порачаа од УНИЦЕФ.

Психолозите велат дека во услови на пандемија грижата за психичкото здравје е исто толку важно како и грижата за физичкото здравје. Стручните лица од  Клиниката за психијатрија кои работат на поддршката на граѓаните потенцираат дека физичката изолација не треба да  се идентификува со социјалното дистанцирање, и дека и во оваа ситуација треба да се пронајдат креативни и практични решенија за дружење и за лесни физички активности во моментите кога воведените мерки го дозволуваат тоа, или за време на забраната за движење кога социјалното дружење може и треба да се остварува преку интернет и социјалните мрежи.

На ЈЗУ Клиниката за психијатрија се реализирани околу 4.000 телефонски разговори за психолошка поддршка на граѓаните за време на пандемијата со ковид-19, почнувајќи од март, соопшти Министерството за здравство.

На првата телефонска линија за психолошка поддршка, која беше отворена на 15 март за возрасни во самоизолација во текот на целиот период, вклучувајќи ги викендите и празниците, која е достапна секој ден од 8 до 20 часот, имало повеќе од 2.200 разговори.

Во текот на март се отворија уште две други телефонски линии, од кои едната за психолошка поддршка на родители на деца на предучилишна и училишна возраст од страна на Клиниката за психијатрија, како и други телефонски линии за психолошка поддршка на лица од различни категории во соработка со УНИЦЕФ – Психолошка поддршка на родители на деца со пречки во развојот и Психолошка поддршка на адолесценти, на кои вкупно се реализирани повеќе од 500 разговори.

На телефонската линија за поддршка на жени во бременост и по породување се реализирани 50 разговори. На целните линии кои беа отворени за поддршка на лица од различни категории, вклучително и психолошка поддршка на албански јазик, како и поддршка на жителите на Дебар и Центар Жупа во периодот на карантин на тие општини реализирани се 1.000 разговори.

Во моментов активни линии за граѓани од различни категории се: за Психолошка поддршка на возрасни лица 072/919-009, психолошка поддршка за деца, адолесценти и нивни родители 072/912-979, психолошка поддршка за жени во бременост и после породување 078/378-766 и психолошка поддршка на албански јазик 070/291-657, стои во соопштението од Министерството за здравство.