Како и кога ќе почне учебната година?

Од Хелсиншки посочуваат на укажувањето од ОН од опасност од зголемена ексклузија на децата со попреченост во процесот на образование како резултат на кризата. Се проценува дека децата со попреченост ќе имаат најмалку корист од примената на алтернативните решенија за учење на далечина, на што се надоврзува недостигот од поддршка во домот, непристапноста до  интернет, непостоењето пристапен софтвер и наставни материјали

104

Како и кога ќе почне учебната година? Родителите, учениците и наставниците сè уште чекаат да се изјаснат Министерството за образование и здравствените експерти. Фактот дека сè зависи од епидемиолошката состојба и ситуацијата со пандемијата ги прави состојбите неизвесни.

Хелсиншкиот комитет апелира надлежните итно да создадат услови за образование и на децата со попреченост кои во услови на пандемија се соочени со големи предизвици во наставата зашто платформите за учење на далечина во нашата земја, кои го заменија редовното образование, ги исклучуваат најголемиот дел од овие деца. Од Хелсиншки посочуваат на укажувањето од ОН од опасност од зголемена ексклузија на децата со попреченост во процесот на образование како резултат на кризата. Се проценува дека децата со попреченост ќе имаат најмалку корист од примената на алтернативните решенија за учење на далечина, на што се надоврзува недостигот од поддршка во домот, непристапноста до  интернет, непостоењето пристапен софтвер и наставни материјали.

– Со новиот Закон за основно образование, кој беше донесен пред точно една година и започна со примена во учебната 2019/2020 година, основното образование беше институционално, кадровски и содржински организирано да овозможи инклузија на сите деца во редовното образование. Меѓутоа, новата учебна година започнува за две седмици, а сè уште не се донесени сите подзаконски акти кои требаше да обезбедат соодветна имплементација на Законот и инклузија на децата со посебни образовни потреби во образовниот процес од секој аспект. Дополнително, состојбата на пандемија само ги потенцираше бројните недостатоци во имплементацијата на Законот, за кои во неколку наврати алармираше и Хелсиншкиот комитет. Имајќи предвид дека се уште не е објавен оглас за избор на образовни асистенти, право кое во текот на претходната учебна година можеа да го користат само мал број деца од сите оние кои имаа потреба, постојат индиции дека и со почетокот на новата учебна година децата со попреченост нема да бидат во можност да го користат ова право, наведува Хелсиншкиот комитет.

Според препораките од Посебниот извештај на Народниот правобранител за предизвиците, проблемите и предностите на реализираната онлајн-настава за учениците со попреченост во посебните основни и средни училишта, кој беше објавен пред четири дена, наставата за ученици со попреченост е најдобро да се изведува со физичко присуство на учениците во училиште, под директно водство од страна на наставниците и стручните лица, од причина што училиштето располага со потребните наставни, едукативно-дидактички материјали, средства, опрема и технички услови кои се неопходни за стекнување на знаења и вештини кај учениците, како и за нивниот целокупен сестран развој.

– На прагот на новата учебна година, сè уште голем дел од учениците немаат пристап до интернет и компјутерска опрема, а немаат пристап ниту до соодветни наставни материјали за реализирање онлајн-настава, кои се од особена важност за децата со попреченост. Оттука, Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира до сите релевантни институции при донесувањето на одлуката за изборот на модалитетот на работа на училиштата во новата учебна година, да ги земат предвид и потребите на децата со попреченост, односно да обезбедат соодветни услови за нивно непречено вклучување во образовниот процес.

Предлогот на МОН за учебната 2020/2021 е учебната година да почне онлајн, со два исклучока – првиот е за учениците од прво до трето одделение, за кои се предлага да ја следат наставата со физичко присуство, земајќи го предвид социоемоционалниот аспект и нивната возраст, а вториот исклучок се училиштата со мал број ученици по паралелки – наставата да ја организираат со присуство во училниците ако тоа го дозволува епидемиолошката состојба.

Трите модели што ги содржи Планот на МОН се: настава со физичко присуство со мерки за заштита – маски и растојание од најмалку 1,5 метар помеѓу учениците во училница, далечинско учење или онлајн-настава, и комбинирана настава – пред сè за училиштата со голем број ученици. Комбинираниот модел предвидува учениците да бидат поделени на помали групи – една група која би следела настава со физичко присуството една недела, а во исто време другата група ученици, како и хроничко болните, би го следела часот онлајн. Ако е невозможно во реално време, тогаш лекциите од денот ќе се снимаат и ќе се споделат со таа група ученици преку платформа за учење.

Подготвените предлог-протоколи имаат конкретни упатства за различни ситуации и услови, за бројот на ученици во паралелка, скратување на наставните часови (предлогот е од 40 на 30 минути во основно, односно од 45 на 35 минути во средно) итн.

Пред неколку дена министерот за образование Арбр Адеми укажа дека е можно одложување на почетокот на учебната година затоа што кој модел и да се избере, ќе треба да се направат измени на законите за основно и за средно образование, а за тоа е потребно функционално Собрание.