Стопанска комора бара компаниите да одлучуваат дали ќе работат во недела, а работниците да добиваат неделни дневници

Дел од Здруженијата кои егзистираат во Комората се децидни дека некои дејности трпат загуби поради неработењето во недела, под опасност се од хаварии и не можат да ги искористат деновите кои се најпогодни за извршување на дејноста. Исто така, оценуваат дека економските субјекти се ставени во нерамноправна положба со тоа што недела како неработен ден се регулира со два закона – за работни односи и за трговија

232

Компаниите да добијат можност самостојно да го организираат извршувањето на работите соодветно на работните процеси седум дена во неделата, а на работниците да им се овозможат сите права од работен однос, што треба да вклучи и дополнителен додаток поради работа во недела како ден за одмор. За сите дејности без исклучок работењето во недела да се дефинира единствено со Законот за работни односи.

Ова го бара Стопанската комора на Македонија откако ја повлече својата иницијатива законското уредување на недела како неработен ден да го преиспита Уставниот суд.

Дел од Здруженијата кои егзистираат во Комората се децидни дека некои дејности трпат загуби поради неработењето во недела, под опасност се од хаварии и не можат да ги искористат деновите кои се најпогодни за извршување на дејноста. Исто така, оценуваат дека економските субјекти се ставени во нерамноправна положба со тоа што недела како неработен ден се регулира со два закона – за работни односи и за трговија.

-Сметаме дека треба да има загарантирано уставно право и за работниците кои работат во недела, тие тоа право треба да си го добијат како надомест, платен дневен, неделен и годишен одмор. Меѓутоа, истовремено укажуваме и дека не смее да се  предвиди забрана за вршење економска дејност, што всушност значи повреда на пазарната економија на што се темели уставниот поредок, вели Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора.

Компаниите здружени во Комората имаат и конкретни забелешки на регулативата за недела неработен ден, поради кои се бара нејзина измена. Најбројни се на компаниите од Здружението за градежништво, производство на градежни материјали и неметали. Се смета дека во списокот на оние кои можат да работат во недела се испуштени суштински дејности. На пример, при производство на ќерамиди, керамички производи, цемент, гипс, битумен и слично, компаниите кои во државата ги има во голем број, а се конкурентни и во странство, не би требало да го прекинат производниот процес. Така, за производство на керамички производи се употребуваат печки со температура на 1.000 Целзиусови степени, па ако се исклучат, потоа се потребни две недели повторно да се рестартираат, за да се спречат хаварии. Гаснењето и рестартирање на печките чини околу 150 илјади евра. Слично е и производството на другите материјали. Од Здружението велат дека ова ќе доведе до намалување на конкурентноста на компаниите, а со тоа и до затворање на фабриките и губење на работните места.

Со неработењето во недела во независна положба е ставено и градежништвото.

-Градежниот сектор е врзан за временските прилики, па поради тоа потребно е на градежните компании да им се дозволи да ги искористи сончевите денови. Сознанијата од компаниите покажуваат дека откога во јануари почна да се применува ова законско решение, доколку недела била работен ден би можеле да се искористат 12 ефективни, односно успешни работни денови. Но, реализирани  се само четири, особено од компаниите кои работат на инфраструктурно проекти, велат од Здружението за градежништво и додаваат дека вака се поместуваат и роковите, па градежните компании се изложени на плаќање пенали.

И трговците имаат големи забелешки. Сметаат дека се дискриминирани со тоа што во недела можат да работат само тие што се сместени во моловите, а освен тоа, во нееднаква положба се и со другите дејности кои работат во недела, зашто неделната дневница на нивните работници е повисока, а освен тоа треба да уплатуваат и два процента од прометот во буџетот.

Од Комората велат дека не се против тоа да се предвиди недела како ден за неделен одмор, но притоа да не се набројуваат таксативно дејностите кои можат да работат, туку да се пријавуваат тие кои ќе работат, а работниците да добиваат додаток на плата. Исто така, се смета дека се нејасни одредбите за прекршочна одговорност, а се бараат и засилени контроли, но и да не се остава простор за различно толкување на одредбите.

(С.В.)