ССМ повикува на протест в недела за поголема плата од 2.806 денари на сите, од работник до претседател на држава!

57

Наместо на пикник и прослава, в недела, на Денот на трудот, 1 Мај, Сојузот на синдикати на Македонија ги повикува граѓаните на голем протест со барање за зголемување на платите. Повикани се сите членови не само на ССМ, туку и на другите синдикати, граѓански организации, пензионери и млади.

-Сојузот на синдикатите на Македонија, овој 1 Мај нема да слави, туку ќе протестира. За да славиме потребни ни се пари, а парите ни ги изеде инфлацијата. Затоа сите работници, пензионери, младината, ги повикуваме да излезат заедно со нас, за да им кажеме на сите работодавачи, без разлика дали се од приватниот или од јавниот сектор, дека ден побрзо ни се потребни парите за зголемување на нашите плати. Ако излеземе масовно, така ќе ја докажеме неопходноста и така ќе го добиеме она што го бараме, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Протестот ќе почне во 12:30 часот во Скопје, пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија, а учесниците ќе се движат кон Собранието, потоа ќе продолжат кон седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанска комора на Македонија, а протестот ќе заврши пред Владата каде што ќе бидат упатени барањата на работниците. Регионалните организации на ССМ обезбедија и превоз за лицата од внатрешноста кои ќе сакаат да присуствуваат на протестот во Скопје.

-ССМ јасно ги утврди своите цели и јавно ги зборуваше: солидарно линерано зголемување на платите од 2.806 денари, бидејќи сметаме дека од општиот работник до претседателот на државата тоа покачување треба да биде во знакот на солидарноста, бидејќи знаеме дека минималната плата се зголеми за 2.806 денари. Ние не лиферуваме проценти, зашто процентот значи за едниот работник помалку, за другиот повеќе. Нам како на ССМ интенцијата ни е да им помогнеме на работниците со најниски плати во знак на солидарност во оваа ковид, економска, енергетска и во најново време воена криза, која ни ја создаде оваа инфлација која ни ги подјаде нашите приходи од плата, рече Димовски, повикувајќи ги сите работници да се придружат на протестот и да го одбранат достоинството на работникот.

Тој додава дека ССМ не се откажува и од барањето регрес за годишен одмор во јавниот сектор, бидејќи тоа право го уживаат работниците во приватниот сектор, па како што рече, сега е време да се исправи таа дискриминација направена во 2008 година.

Според анализите на ССМ, минатиот месец инфлацијата на месечно ниво се зголемила за 8,8 проценти. Тоа е причината што се бара зголемување на платите што поскоро, затоа што подоцна на тие пари може да им се намали вредноста.

Димовски ги повика да учествуваат во протестот и просветните работници, чиј штрајк организиран од СОНК е ставен во мирување, иако не се членови на ССМ. Тој им понуди консултации и бесплатна правна помош од ССМ.

-И покрај тоа што не се членови на ССМ, ги повикувам да се обратат, па да видиме по кој основ е прекинат штрајкот, дали има основ за прекинување на тој штрајк. Ја имаат нашата безрезервна поддршка како Сојуз на синдикати на Македонија да им дадеме правен совет и да им кажеме што понатаму со нивните работнички права, рече Димовски.

Вчера се огласи и претседателот на СОНК, Јаким Неделков, посочувајќи дека одлуката на раководството на Синдикатот да го стави штрајкот во мирување е нивна законска обврска што мора да ја почитуваат. За протестите на дел од членството кое искажа незадоволство и револт од одлуката и го повикуваше како синдикален лидер да им ја објасни ситуацијата, но и да си даде оставка, Неделков рече тие веројатно се изманипулирани или неинформирани. „Непријатно и жално е што наједуцираните луѓе во државата, без да се навреди друг синдикат, дозволуваат на некој начин да бидат, претпоставувам, изманипулирани или неинформирани. Од таа причина сметам дека многу е полегитимно нивните барања и права, согласно статутот на СОНК да ги побараат во рамки на организацијата, а не да вршат ваков притисок врз раководството каде за волја на вистината една одлука донесена од Советот на СОНК која е поткрепена со законски акт, ја спорат. Зошто не биле прашани? Навистина какво е тоа прашање зошто членовите на СОНК не биле прашани дали да постапат согласно закон?! Мислам дека е беспредметно нивното укажување, добро е што имаме различни мислења, тоа докажува демократија меѓутоа вакви неидентификувани собирања каде не знаеме кој е организаторот и која му е целта?“, рече Неделков.

Според него, протестот веројатно е обид за ослабување на позициите на СОНК и разбивање на единството. „Вакво ’спонтано‘ собирање на два пати и упади во овие просториите не личи на просветни работници. На тој начин секој нека биде свесен дека мене нема да ме поколеба да работам согласно закон, да градам партнерски однос и максимално да се залагам за правата на работниците. Во моментов се бориме, за нив, за дневниците да им ги спасиме и во детските градинки и во образование“, додаде Неделков.

Тој апелираше да се има сенс и разумност за состојбите и дека поради добрата хиерархиска поставеност на Синдикатот, информациите се достапни за сите членови и нивните простории се отворени за секого, како и дека регионалните претседатели на СОНК постојано се со членството. Меѓутоа, тој како претседател нема намера да биде само „англиска кралица“ или нечија марионета.

(С.В.)