Србија пред вонредни парламентарни и локални избори?

42
Foto: EPA/KOCA SULEJMANOVIC

Најрано на 17 декември Србија ќе оди на вонредни парламентарни избори, пренесува „Новости“, повикувајќи се на свои извори, додавајќи дека сѐ уште е неизвесно дали изборите ќе се спојат со локалните избори во Белград и за тоа, во наредните денови, ќе одлучувал врвот на најсилната политичка партија во државата – Српската напредна странка (СНС).

Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска изјави дека не е за толку често одржување избори, но дека нема ништо против да се сретне со оние што сигурно ќе  загубеле на тие избори.

Тој, како што истакна, се залага наместо чести избори, изборите да бидат регуларни и потсети дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, сто пати досега рекол: „Кога сакате избори, не е проблем“.

– Кога и да има избори, а не знам кога ќе бидат и не знам дали ќе бидат во следниве неколку месеци или во првите неколку месеци од следната година, не е важно. Тука навистина нема дилема. Парламентот е демонстративно место и во сите земји во светот, Парламентот е местото каде што се претставувате пред народот – изјави Дачиќ за РТС.

Дачиќ оцени дека сега во Парламентот се случува попречување на работата и нецивилизирано однесување, на што опозицијата, вели, нема право.

– Ваквото однесување не само што не е добро за Србија туку е и показател за тоа кои се највисоките дострели. Кога и да има избори, сигурен сум дека за ова, во наредниот период, ќе одлучува владејачкото мнозинство, односно СНС, СПС, дали ќе одиме заедно или одделно – рече Дачиќ.

Опозицијата бара итни парламентарни и локални избори во Белград до крајот на оваа година, во спротивно, најави блокада на Парламентот, како и нов протест „Србија против насилството“.

Пратеникот Радомир Лазовиќ го повтори барањето за вонредни избори.

– Го молам претседателот Александар Вучиќ веднаш и итно да се изјасни дали ќе ги распише Белград и парламентарните избори до крајот на годината – рече Лазовиќ.

Во вторникот, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, оцени дека изборите во Србија би можеле да дојдат „релативно брзо“ и додаде дека е подобро да дојдат „порано отколку подоцна“.