Со одлуката на ЕК: Македонија на удар, ќе има годишни загуби од 100 милиони евра поради квотите за челик

73

Најмалку 100 милиони евра ќе губат македонските компании и фирми поради квотите за челик кои остануваат на сила уште три години, бидејќи Европската комисија деновиве одлучи ограничувањата кои веќе 10 месеци се во сила да продолжат и во следните три години.
Европската Унија се реши да воведе контрамерки за трговијата со алуминиум и челик откако такви прв воведе американскиот претседател Доналд Трамп. Тој го ограничи увозот на вакви производи од Кина и од ЕУ.
Последната одлука ќе ги погоди и македонските производители, оти тие со години наназад од 70% до 80% од производите ги извезуваат во Унијата и во моментов не можат да најдат алтернативен пазар каде што би ги продавале производите.
На оваа тема неуспешни беа и лобирањата на економскиот директор на Макстил и претавник од Владата кои пред неколку месеци беа во Брисел да ја убедуваат ЕУ да ги укине високите царински давачки за овој метал штом ќе истече ограничената квота.
И Стопанската комора бара производителите на железо и челик да бидат заштитени. Тие сметаат дека и другите давачки што фирмите ги имаат кон Унијата да бидат одложени до конечното влегување во европското семејство.
За проблемот со царините за челикот, Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија смета дека на малите земји како Македонија не треба да и се поставуваат вакви услови пред да влезат во ЕУ.
– Поставувањето на вакви услови создава сериозни проблеми. Не е само овој проблем имаме воведено низа критериуми за подготовка за влез во ЕУ кои се обврски за стопанството. Мислам дека со царините треба да сме многу претпазливи затоа што тој процес може да се одлага, а обврските кон субјектите остануваат. Ние ќе вршиме постојан притисок тие прашања да се стават на дневен ред по нашиот прием во ЕУ, а Владата ќе ја поддржиме да најде решение – појаснува Азески.
Од овие мерки погодени се неколку македонски компании меѓу кои: Макстил, Миттал Стил, Дојран Стил, и двете фабрики за цевки во Куманово и Кавадарци, ФЗЦ и ИГМ.
Македонските компании веќе се известени за одлуката која ќе почне да се применува од следниот месец, но Владата со оптимизам смета дека штетите од оваа мерка нема да се одразат на економијата.
За овој проблем и премиерот Зоран Заев нагласи дека фокусот останува комплетно насочен кон поддршка на овие компании и не е потребна паника.
– Станува збор за просекот од трите последни години, зголемен за пет проценти. Проблемот е што сега е квота и компаниите генерално се плашат една од друга некој да не го зафати делот и на другите компании и ние тука може да менаџираме. И секеко, им стоиме на располагање да им бидеме сервис. Имаме и дополнителна квота, таа глобалната, која доколку било која земја не ја искористи ние да можеме дополнително да ја искористиме. Проблемот е што преку квотите не можат да се исполнат оние амбициозни планови, што се направени од страна на компаниите, а кои се многу поголеми од просекот од трите претходни години. Тука е проблемот. Но, верувам дека ако овие планови имаат тенденции, и сакам да ги охрабрам да продолжат со своите планови, секој пат ќе се изнајдат решенија, појасни премиерот Заев.

(В.Ма.)