Со ваучер за туризам две ноќевања во елитен хотел, три во апартман, четири во камп, пет полни пансиони во одморалиште

Каде точно ќе може да се сместат туристите кои плаќаат со ваучер е објавено на платформата domasiedoma.gov.mk. Пребарување се врши по категориите  во сите, хотели, физички лица и други објекти, а за секоја понуда има телефон и имејл адреса на лицето за контакт.

1007

Граѓаните со ниски примања од среда, 15 јули, можат да почнат да ги трошат ваучерите за домашен туризам што ги добија од државата како дел од третиот сет антикризни мерки. Според информациите од Министерството за економија, за примање гости со ваучери се пријавени 443 сместувачки капацитети, од кои 45 отсто се хотели, уште толку се приватни издавачи, а останатите 10 проценти се автокампови, одморалишта, домови и слично.

Понуди за одмор има не само од туристичките центри туку од повеќе градови низ државата, но најголемиот дел од пријавените хотелиери и други издавачи на легла се од Охрид, со вкупна понуда на 178 капацитети, а потоа доаѓа Скопје од каде што се пријавени 58 сместувачки капацитети. Ваучерите можат да се трошат и во Струга, Дојран, Крушево, Ресен, Маврово,  Берово, Вевчани, Битола, Тетово, Струмица, Велес, Гостивар, Пехчево, Делчево…

Каде точно ќе може да се сместат туристите кои плаќаат со ваучер е објавено на платформата domasiedoma.gov.mk. Пребарување се врши по категориите во сите, хотели, физички лица и други објекти, а за секоја понуда има телефон и имејл адреса на лицето за контакт.

Се јавивме во десетина од понудените сместувачки капацитети за да видиме колкав одмор може да се истера со еден ваучер од 100 евра. Според информациите што ни ги дадоа на рецепциите, речиси сите се подготвени за ваучер-туристите. Најскапи се елитните хотели во Охрид, Берово и други туристички места кои за ваучер од 6.000 денари нудат само две ноќевања со појадок за две лица во двокреветна соба. Иако ваучерот гласи на лично име и може да го користи само сопственикот, хотелите, а и голем дел од приватните издавачи на легла во вили, студија, апартмани и станови велат дека со него ќе наплатуваат за двајца, односно за двокреветна соба.

Во приватните апартмани во туристичките места во кои се јавивме нудат само ноќевање за двајца и во најголемиот дел од нив ваучерот покрива четири ноќевања. Во студио, пак, ноќевањето главно чини 20 евра, па со еден ваучер двајца можат да истераат одмор од пет дена. Овие издавачи на легла велат дека уште некој ден престој кај нив може да се доплати со домашната картичка од 3.000 денари што ја добиваат сите кои имаат ваучери. Но, бидејќи студијата и апартманите се опремени со кујни, картичката може да се користи и за купување домашни прехранбени производи во локалните продавници.

Во изнајмен бунгалов во камп со ваучер од 100 евра можни се четири ноќевања, а се плаќа како за пет и тие пари одат за такса и други давачки. Се јавивме и во едно детско одморалиште во Охрид. Велат дека се подготвени за прием на возрасните гости, но се држат строго до правилата. Со ваучерот наплатуваат само за лицето на чие име гласи, а тој може да покрие цели седум полни пансиони.

Според издавачите на легла кои ги контактиравме, сè уште нема резервации од ваучер-туристите. Нема ни многу јавувања за информации. Некои дури и не знаеја кога можат да ги очекуваат првите гости со ваучери, други пак ни рекоа дека капацитетите им се веќе резервирани за други гости, особено во викендите.

Ваучерите треба да се искористат до 15 декември годинава. Не можат да се подарат ниту да се донираат. Треба да ги искористат само лицата кои ги добиле, а тоа се оние со месечни примања помали од 15.000 денари и никакви други приходи.

(С.В.)