Хрватска ќе го воведе еврото најрано за две години

313

Хрватска влезе во европскиот курсен механизам, што е клучен чекор во процесот на воведување евро, а Хрватската народна банка воспостави блиска соработка со Европската централна банка, објавија Европската централна банка и Европската комисија.

-На барање на Република Хрватска, министрите за финансии на државите од еврозоната, претседателката на Европската централна банка и министрите за финансии и гувернерите на централните банки на Данска и Хрватска, следствено на постапката во која учествуваше Европската комисија и по консултации со Економскиот и финансиски одбор (ЕФЦ), донесена е заедничка одлука за вклучување на хрватската куна во механизмот на ЕРМ 2, се наведува во соопштението.

Средниот курс на хрватската куна е утврден на 7,53450 куни за едно евро.

Хрватската куна ќе учествува во механизмот на ЕРМ 2 во стандарден опсег на флуктуација плус/минус 15 отсто околу средниот курс. Задолжителните интервенциски курсеви ќе бидат објавени денеска во време на отворањето на девизните пазар.

Договорот за учество на куната во ЕРМ 2 се темели, меѓу другото и на обврската Хрватска истовремено да се вклучи во банкарската унија.

Инаку, државата членка која сака да го воведе еврото мора најмалку две години да помине во механизмот ЕРМ 2 пред да ја воведе заедничката европска валута, што значи дека Хрватска може да смета на влегување во еврозоната најрано во 2023 година.