Советот на општина Центар ќе одлучува по барањето на пазарџиите од Зелен пазар

119

Пазарџиите од Зелен пазар писмено да ги достават своите барања до Општина Центар, за да може потоа Советот на седница да донесе конечно решение. Ова бил заклучокот од средбата што пазарџиите ја имаа во понеделникот која беше закажана за 16 часот, откако првата се одржа на кратко пред Општината Центар .

– Се договоривме пазарџиите да ни достават писмено барање, ќе го разгледаме заедно со јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“, па потоа ќе се донесе решение по кое треба да одлучи Советот – објасни градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Тој додаде дека што побрзо ги достават барањата, толку подобро за нив. Тие најавиле дека веднаш ќе ги достават.

Од ЈП „ПОЦ“ информираат дека средбата поминала добро, но со тензична атмосфера на почетокот, бидејќи Богдановиќ доцнел.

– Сепак, средбата добро помина. Пазарџиите си ги кажаа своите барања. Треба да ја видиме и другата страна. Тука има и жители, па ќе се донесе решение. А, најбитно е да се види дали тие ќе ги достават писмено своите барања – велат од ЈП ПОЦ.

Од таму потенцираат дека пазарџиите барале да се тргне забраната за влез на комбиња, бидејќи им требаат за дотур на стока, првиот час паркинг да биде бесплатен или со симболична цена, за да заживее пазарот, да се реши проблемот со дивите пазарџии и да им се овозможи посебен дел за паркирање на нивните товарни возила. 

(А.П.)