Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ: Тони отпад се фрлаат на дивите депонии, Шилегов не превзема ништо

138

– Секој ден тони отпад се фрлаат на дивите депонии во Ново Село, Визбегово и Вардариште, а Шилегов не превзема ништо. Скопје е најзагадениот главен град во Европа. Со пасивноста на Шилегов и непреземањето на конкретни активности се ризикува еколошка бомба во Скопје, во ситуација кога главниот град е веќе најпогоден од корона заразата, обвини Советничата група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.

Оттаму тврдат дека во дел од депониите, како што е Вардариште не само што е нем посматрач, туку градот Скопје е и активен учесник во создавањето на депонијата.

– Фотографиите кои ги објавуваме се фрапантни и вчудоневидувачки, говорат за негрижата на градот Скопје, комуналните инспектори и пасивноста на Министерството за животна средина и просторно планирање – коментираат од Советничката група.

Го повикуваат Градот Скопје да се откаже од дивата претоварна станица Вардариште и да санкционира диви депонии на само неколку километри од центарот на градот.

– Тажната слика за Скопје се дивите депонии Вардариште, Визбегово во близина на Шуто Оризари и Ново Село во Ѓорче Петров. Шилегов го ризикува здравјето на скопјани со својот пасивен однос кон овие депонии кои неретко се запалени, испуштаат токсични материи и се еколошка бомба во градот – нагласуваат советниците на ВМРО-ДМПНЕ. 

По претставка Народниот правобранител испитува дали поранешната депонија Вардариште се користи противзаконски од страна на ЈП „Комунална хигиена“ како претоварна станица.

– На 28.05.2020 година народниот правобранител се обрати до ЈП „Комунална хигиена“ и побара објаснување и информации за наводите во претставката на подносителката, за што истата е известена. Народниот правобрантел укажува дека секој граѓанин кој смета деке му е повредено некое право, вклучувајќи ги и правата од областа животна средина може да поднесе претставка. Во канцеларијата на Народниот правобранител се обраќаат граѓани во врска со проблемите од областа животна средина, а според организациската поставеност институцијата има одделение кое работи на оваа област – се вели во дописот од Народниот правобранител.