Собранието го поткопа судството со измените во Кривичниот законик

Во Извештајот се нотира дека во септември 2023 година, Собранието на Северна Македонија значително го поткопало судството. Во нетранспарентна и брза постапка пратениците го измениле Кривичниот законик, намалувајќи ги затворските казни и рокот на застарување на делата за злоупотреба на службената положба. Ова, се вели во Извештајот, ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери. И покрај благиот напредок, Македонија и понатаму е во друштво на Бахреин, Кина, Куба, Унгарија, Молдавија, Тринидад и Тобаго и Буркина Фасо. Од регионот, подобро рангирани од Македонија се Словенија, Хрватска, Грција, Црна Гора и Бугарија, додека Косово, Албанија, Србија и БиХ се имаат послаби резултати во борбата против корупцијата. Бугарија со 45 поени се наоѓа на претпоследното место во ЕУ и на 67 место на светската ранг-листа, додека на последно место во ЕУ втора година по ред е Унгарија со 42 поени.

43

Македонското Собрание значително го поткопа судството во септември лани, со измените на Кривичниот законик, објави „Транспаренси интернешнл“ во својот најнов извештај за перцепција за корупцијата во јавниот сектор во 2023 година. Иако земјава напреднала за два индексни поени и девет позиции на најновата листа на Транспаренси и се наоѓа на 76. место со 42 индексни поени, споредно со 2022 година кога беше на 85. место со 40 индексни поени, во извештајот се предупредува дека измените на Кривичниот законик ќе предизвикаат „околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери“.

 -Во нетранспарентна и брза постапка пратениците го измениле Кривичниот законик, намалувајќи ги затворските казни и рокот на застарување на делата за злоупотреба на службената положба. Ова ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери, се вели во извештајот. 

И покрај благиот напредок, од вкупно 180 земји, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, Македонија и понатаму е во друштво на Бахреин, Кина, Куба, Унгарија, Молдавија, Тринидад и Тобаго и Буркина Фасо. Од регионот, подобро рангирани од Македонија се Словенија, Хрватска, Грција, Црна Гора и Бугарија, додека Косово, Албанија, Србија и БиХ имаат послаби резултати во борбата против корупцијата.

Бугарија со 45 поени се наоѓа на претпоследното место во ЕУ и на 67. место на светската ранг-листа, додека на последно место во ЕУ втора година по ред е Унгарија со 42 поени. Романија има 46 поени.

 -Студијата од 2023 година покажува дека Бугарија сè уште не ги надминала значајните проблеми со владеењето на правото и со олигархиското влијание, се наведува и во извештајот.

Калин Славов, извршен директор на Здружението „Транспарентност без граници“, при презентацијата на резултатите од индексот на прес-конференција во Националниот прес-клуб на БТА, рече дека Бугарија нема сеопфатна визија и енергија во процесот на борба против корупцијата.

Иако без промени во однос на минатата година, во регионот најдобра е Хрватска со 50 индексни поени и се наоѓа на 57. позиција. Најлошо рангирана, иако со напредок од еден индексен поен е Босна и Херцеговина, која се наоѓа на 108. позиција. Грција има пад од три места и се наоѓа на 59. место со 49 индексни поени. Црна Гора со напредок од 1 поен е на 63. место со 46 индексни поени. Бугарија има напреднато за две места и се наоѓа на 67. место со 45 индексни поени. Албанија има напреднато за една позиција и се наоѓа на 98. место со 37 индексни поени. Косово, без поместување со 41 поен е на 83. место, додека Србија нема поместување и се наоѓа на 104. место со 36 индексни поени.

Најголем скор и годинава има Данска со 90 индексни поени, по што следи Финска со 87 и Нов Зеланд со 85. Најлошо рангирана е Сомалија со 11 индексни поени, по што следат Венецуела, Сирија и Јужен Судан со по 13 индексни поени.

Индексот на перцепција на корупција за 2023 година, генерално, покажува дека корупцијата напредува низ целиот свет.

Над две третини од земјите имаат резултат под 50 од 100, што силно укажува дека имаат сериозни проблеми со корупцијата. Глобалниот просек е заглавен на само 43, додека огромното мнозинство земји не постигнале напредок или опаѓале во последната деценија. Оваа година 23 земји паднаа на најниските резултати досега.

Македонија се наоѓа во регионот на Источна Европа и Централна Азија со 19 земји, чиј просечен скор е 35 индексни поени. Најдобро рангирани се Црна Гора – 46 индексни поени, Ерменија – 47 и Грузија – 53. Најлошо рангирани се Туркменистан – 18 индексни поени и Азербејџан со 23 индексни поени.

Индексот дава вознемирувачка слика за регионот на Источна Европа и Централна Азија, област која, како што се вели во Извештајот за 2023 година, се бори со нефункционално владеење на правото, пораст на авторитаризам и системски корупцијата. Просечниот резултат од 35 поени од 100 го прави втор регион со најниски резултати во светот.