Поранешниот тренер на македонскиот ракометен шампион Вардар, Веселин Вујовиќ, наскоро би можел да ја напушти клупата на Словенија, по четири години успешна работа, пишува словенечкиот портал “екипа24“. Ова значи дека тој нема докрај да го одработи мандатот, бидејќи со минатогодишното продолжување на соработката, Вујо требаше да ја води репрезентацијата на „змејовите“ до Олимписките игри во 2020 година во Токио.

Меѓутоа, серијата на слаби претстави на екипата која црногорскиот стручњак ја водеше до бронзен медал на Светското првенство во 2017 година, особено во последно време, но се чини и лошиот однос на Вујовиќ со неколку репрезентативци и раководни лица му го скусија времето на чело на стручниот штаб.

Вујовиќ е човек без влакна на јазикот и тоа најчесто му се чука од глава. Додека неговиот немирен темперамент може некако да помине во клубовите во кој работи, тоа не може да помине во репрезентацијата во која играат многу асови. Веќе некое време во редовите на репрезентацијата има големо незадоволство од неговата работа и премногу боде во очи во земјата во која тоа не е нормална појава.

Тренерот на Киелце, Талант Душебаев има најголеми шанси за поставување на местото селектор на Словенија. Душебаев е надвор од репрезентативните води од 2017 година кога ја напушти клупата на Полска. Сепак, тој не би можел веднаш да преземе контрола, а доколку Вујовиќ добие отказ пред Европското првенство во јануари, селекцијата ќе ја води неговиот заменик Урош Зорман.