Во рамки на Скопско лето, вечерва, со почеток од 20 часот, во Музејот на македонската борба концерт ќе одржи „Загребачки квартет“ од Хрватска, во состав Mартин Крпан и Давор Филипс на виолина, Хрвоје Филипс, виола и Мартин Јордан на виолончело. На програмата ќе бидат изведени Ружџак, Бетовен, Равел.

 

Од 21 часот, пак, во Галеријата при Младинскиот културен центар ќе се отвори изложбата „Разоткривање” на Владимир Лалиќ. „Изложбата нè носи низ различни имагинарни содржини на непознатото и различноста во широката сфера на визуелни форми, идентитети, слоеви и приказни.

Таа е доживување и спознавање на инспирациите на авторот, низ непознатите простори во кои битисува. Акцентот е ставен на бесмисленото талкање на современиот човек во денешно време. Сите цртежи на еден начин претставуваат загатки кои се мешаат со одреденото и неодреденото, и токму поради тоа овој загадочен карактер, на уметничкото дело ‘ја надживува интерпретацијата’. Делата се изработени во комбинирана техника туш и офсет боја на плексиглас, а во некои од делата е имплементирана и звучна подлога“, стои во најавата за изложбата.