На осумдесетгодишен пациент во Австрија му е ампутирана погрешната нога, објави болницата во Фрајштат и вети темелна истрага.

Клиниката објави дека пред операцијата за ампутација била означена погрешната нога и дека тоа е причината поради која дошло до грешката која ја нарекоа „трагична грешка при лекување“.

Грешката е забележана дури при промената на завоите. На пациентот сега ќе треба да му се ампутира и другата нога. Здравствените власти бараат објаснување за случајот, а и обвинителството презема чекори.

Сопствениците на болницата објавија дека пациентот страдал од различни болести, дека тие проблеми имале влијание врз двете нозе, а на едната до толку што требало да се отстрани.

„За жал грешката се случи по низа несреќни околности“, се вели во соопштението за медиуми. Пациентот и неговото семејство добиле понуди за психолошко советување.