Сè почесто македонските клубови ја следат новата технологија која се применува во силните европски лиги, од тренажни процеси, натпревари, па сè до современите апарати кои придонесуваат до дополнителен развој на фудбалската игра.

Овој пат весникот „Вечер“ одлучи да ја запознае македонската јавност со GPS уредот кој го користат голем број од македонските прволигаши. Станува збор за уред кој се става на грбот на фудбалерот и ги мери сите негови параметри, од фреквенција, пулс, брзина на трчање (во висок ритам, во среден и спринт). Исто така тој ги бележи и сите параметри во зоната на трчање кај секој играч, а преку него може да се види кој фудбалер го дал максимумот на натпреварот. Покрај тоа, овој уред има уште неколку параметри како број на скокови, движење на страна, со што им ја дава потребната информација на тренерите.

Токму поради тоа, „Вечер“ направи ексклузивно интервју со кондициониот тренер на фудбалскиот клуб Вардар, Михајло Костиќ, кој откри детали околу намената на GPS-уредот, како и тоа каква предност имаат тренерите за да одлучат кој е подготвен да истрча на теренот, а воедно да одговори на неговите барања.

ФОТО: Петр Стојановски

Дали со неговата практика е намален бројот на повреди кај фудбалерите?

Па можам да кажам дека со сигурност 30-40 отсто е намален бројот на повреди. Кај нас ова прашање нема статус на приоритетно бидејќи во Вардар има многу промени во играчкиот дел. Од оваа сезона тимот, пред сè, се насочи кон младите фудбалери, па така повредите речиси се веќе минато за клубот. Добро е тоа што овој GPS-систем нема никакви проблеми со фудбалските правила, па така играчите ги носат уредите на секој меч. Можам во секој дел од натпреварот да видам кој колку е изморен, кој ќе треба да се пресели на клупа, а кој има сила за одигрување на целиот меч во ист ритам.

Ѕвонко Плавевски

Сметате ли дека фудбалерите на Вардар се  доволно физички подготвени?

Порано во Лигата на шампиони беше интересно тоа кој колку истрчал на мечот, во последно време може да се види само кој колку додавања имал, во колку висок ритам се игра, колку спринтови направил… Во минатото истрчаните километри значеа многу, но денеска не. Сега е поважно е кој направил најмногу и кој има  најпродуктивни брзи спринтови. Ако само еден фудбалер во тимот не е физички подготвен за време на натпревар, не трча доволно и спринтовите не му се продуктивни, се урива целиот концепт на играта. Но, факт е дека и премногу трчање не е добро за тимот, тогаш значи дека тактички не сме подготвени. Кога игравме во квалификациите за Лига Европа имавме играчи кои имаа квалитет во себе, како Спировски, Николов…, сега имаме млади фудбалери кои многу трчаат, но нивните спринтови не се толку продуктивни.

Што е потребно за да се подобрат моменталните резултати кога е во прашање физичката подготвеност кај фудбалерите на Вардар?

Со квалитетни тимови, добри терени и добра физичка подготвеност кај играчите ќе се подигне нивото на квалитет во лигата. Важно е да се поправи инфраструктурата на терените, да се поткрене нивото на квалитет на клубовите кои се натпреваруваат, а со самото тоа лигата ќе оди во нагорна линија. Факт е дека потребни ни се посилни натпревари, подобри противници, за да имаме просперитет во лигата.

Која екипа, според Вас, е најдобро физички подготвена и го вади максимумот од своите фудбалери?

Многу е важна селекцијата на играчи. На пример, Ред Бул Салзбург, е тим кој можеби физички е најсупериорен во Европа. Кога им беше тренер Роџер Шмид, тој исклучиво бараше фудбалери со добра физичка подготовка. Тој една сезона на проба донесе дури 25 фудбалери, и критериумот за да останат во тимот беа само играчите кои имаат брзина на трчање на анаеробен праг од 16 километри на час и повеќе. Исто така Барселона нема премногу брзи играчи, но затоа технички се можеби најпотковани. Кога е во прашање Вардар, ние се насочуваме, пред сè, на технички подготвени играчи. Изминативе неколку сезони немавме премногу брзи играчи, освен можам да кажам дека таков беше Балотели. Затоа велам дека GPS многу ни помага околу ваквата статистика, па во иднина знаеме на кој фудбалер што му е потребно, како и за која тактика ќе треба фудбалерите да се подготват физички.

Дали сметате дека со добра физичка подготвеност, може да се амортизира неквалитетот на екипата и да се постигнат подобри резултати од очекуваното?

Може. Ако имаме брзи фудбалери, а не техничари, ќе гледаме да го добиете противникот преку контра напади, пресинг, притисок. Спротивно, ако имаме бавни фудбалери, но технички дотерани, имаме шанси да играме технички фудбал, да доминираме на половината на противникот итн. Токму поради тоа, GPS ни дава податоци и со тие информации знаеме како да му парираме на противникот.

Кои тројца фудбалери се најдобро подготвени да одговорат на предизвикот и да играат на едно повисоко ниво?

Тоа секако се крилните фудбалери како Брдаровски, Тошевски, Аврамовски. Тие најмногу паѓаат во очите на публиката со тоа што прават постојано движење. Останатите прават куси спринтови.

Дали со овој апарат може навреме да се реагира кога се во прашање евентуалните повреди или во најлош случај – колабирањата?

GPS-уредот може да помогне, може да спречи евентуална повреда, доколку на време се детектира заморот, но често пати може да биде доцна. На пример Тигран Барсегијан кога пристигна во клубот, ние му откривме срцева мана. Тој не го пријави тоа, но на тренинг видовме дека пулсот му оди со големи варијации. По консултација со докторот замина на лекарски прегледи, а потоа и на операција. Ако не откриевме навреме, неговата ситуација можеше да се искомплицира. Од тој момент, јас посебно го следев.

Марио СОТИРОВСКИ, Кристијан ТРАЈКОВСКИ