Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Македонија

44

Товарниот превоз меѓу Србија и Северна Македонија, кој се врши „во и од трети земји“, со еколошки возила, ќе биде либерализиран од 1 август оваа година, односно ќе биде ослободен од режимот на дозволи. Што значи – од први август превозниците во двете земји слободно ќе возат без дозволи, изјави денеска срспкиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, според соопштението од ресорното министерство, ова е резултат од договорот постигнат на состанокот на Мешовитата српско-македонска комисија за меѓународен патен превоз на патници и товари што се одржа во Охрид на 5 и 6 јуни.

-Договорено е транспортот на товар „во и од трети земји“, кој се врши со еколошки возила – возила од категоријата „зелено возило“ и погоре (ЕВРО 2, ЕВРО 3, ЕВРО 4, ЕВРО 5, ЕВРО ЕЕВ и ЕУРО 6) да се изземе од режимот на дозволи, односно либерализира, почнувајќи од 1 август годинава. Исто така, либерализиран е и билатералниот карго превоз и карго превозот во транзит, рече Весиќ.

Весиќ истакна дека ќе остане симболична бројка на дозволи, помалку од сто, од двете страни за транспортери со нееколошки мотори, односно дизел мотори ЕВРО 0.

-Тоа се мали транспортери кои живеат и работат од двете страни на границата, па сакавме да ги оставиме да работат со обврска во иднина да ги заменат нееколошките возила со еколошки, рече Весиќ.

Тој посочи и дека е постигнат голем успех во однос на меѓународниот превоз на патници во патниот сообраќај, бидејќи е договорено од 15 јуни годинава наизменичниот превоз на патници да се врши без дозвола.

Весиќ рече дека преговорите биле многу успешни и му се заблагодари на македонскиот колега Благој Бочварски за заедничката работа.

Договорот меѓу двете страни е направен врз основа на иницијативата „Отворен Балкан“ и целите утврдени со Меморандумот за разбирање и соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан.

-Договорот ќе придонесе за натамошно отстранување на административните бариери, што дополнително ќе ги зајакне економиите на двете земји, а на економијата и граѓаните ќе го олеснат движењето на луѓе и стоки во регионот на Западен Балкан, рече Весиќ.