Се гради модерен пат од Битола до граничниот премин „Меџитлија“

183

– Знаеме колку е важно патното поврзување и добрата инфраструктура за жителите на Пелагонија, особено со квалитетно поврзување со централниот дел од земјата, како и со соседна Грција. Овој патен правец од Битола до граничниот премин „Меџитлија“ е токму таков. Преку три милиони евра инвестираме за овој патен правец да го издигнеме на ниво на модерен, безбеден и пред сè пат кој ќе биде во функција на бизнисот и граѓаните од регионот. Ако земеме предвид дека ова е пат кој нè поврзува со Република Грција, како единствена меѓународна патна врска во овој регион, тогаш значењето е уште поголемо бидејќи истиот е дел и од европскиот коридор 10-д. Се работи со полн интензитет и очекувам роковите да бидат запазени, нагласи министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој беше на оваа делница заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Патниот правец Битола-Меџитлија е во должина од 12,5 километри, ширината е променлива и се движи од 6 до 6,5 метри и има 5 мостови. За целосна рехабилитација на овој државен пат обезбедени се средства од ЕБОР во висина од 3,27 милиони евра.

– Завршени се подготвителните работи, а во моментов се врши гребење на асфалтот во правец од граничниот премин Меџитлија кон Битола. Предвидениот рок за извршување на градежните работи е до крајот на јули и со оглед дека градежната сезона и времето се на наша страна, очекуваме брза и квалитетна реализација – изјави Рустеми.

Паралелно со рехабилитацијата на овој магистрален пат, следниот месец почнува најголемиот капитален проект за Пелагонија а тоа е изградбата на автопатската делница од Прилеп до Битола, како дел од пакетот изградба на автопатските делници на Коридор 8 и Коридор 10д.