Шпанскиот ракометен стручњак Раул Гонзалез, се уште не може да ги надмине славните денови кога беше тренер на македонскиот шампион Вардар, со кого во 2017 година ја освои титулата во Лигата на шампионите.

Тој по освојување на титулата во елитното натпреварување со Вардар, замина да работи во најбогатиот клуб во светот ПСЖ, со кого се уште се нема качено на покривот на Европа.

Шпанецот верува дека оваа година ќе ја освојат титулата, откако лани уште во полуфиналето беа елиминирани од Барселолона, а во мечот за третото место беа подобри од Веспрем. Оваа година во полуфиналето ПСЖ ќе игра против дебитантот Алборг, а доколку помине во финалето ќе игра со подобриот од дуелот Барселона – Нант.

-Се уште сум возбуден што повторно сме на Ф4. Често зборувам дека ова е добар настан за играчите, но за тренерите претставува врв во кариерата, вели Гонзалез.

Тој се наврати и на минатиот завршен турнир, кој се играше во декември минатата година заради пандемијата со коронавирусот кога во полуфиналето ПСЖ беше поразен од Барселона.

-Ние треба да го заборавиме тој натпревар. Си ја научивме лекцијата, едноставно знаеме што беше добро, а што лошо во нашата игра тогаш. Сега не очекува многу поинаков натпревар, Многу од играчите во тимот не беа со нас минатата сезона, така што беше потребно време да се вклопат во тимот. Сигурен сум дека сега сме подобри за разлика од пред шест месеци, изјави Гонзалез пред настапот на завршниот турнир во Келн.