Самоодржлив парк „Иднина“ никнува на место на депонија

177

Општина Кисела Вода гради парк кај кружниот тек меѓу Припор и Кисела Вода. На ова место постоеше депонија.

– Во напредна фаза е оплеменувањето на просторот кој се протега на површина од 4.000 квадратни метри на кој, по финализацијата на проектот, ќе се нудат најразлични содржини за сите генерации. Покрај зеленило, дрвца, хортикултурно уредување, во паркот ќе има урбана опрема, клупи, летниковец, патеки за шетање, воден ѕид, а за најмладите ќе се изгради детско игралиште. На влезот, на јарбол ќе биде поставено македонското знаме – вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Processed with VSCO with preset

Паркот доби симболично име „Иднина“, бидејќи ќе биде самоодржлив. За осветлување ќе се користат фотоволтаици, а за зелените површини ќе биде поставен систем за самонаводнување.

– Од неуреден и неосветлен простор, од депонија поради која сите ја вртеа главата настрана, оваа пролет граѓаните ќе добијат прекрасно урбано катче за одмор, рекреација и дружење. Внимававме да предвидиме содржини за сите генерации, а притоа за одржување на новиот парк да користиме обновливи извори на енергија, со што и заштедуваме и ја заштитуваме животната средина. Паркот “Иднина” е одговор на потребите и барањата на нашите жители. Како еден од првите реализирани проекти и остварени ветувања, тој ќе биде симбол на иднината што им ја ветивме на нашите сограѓани – изјави Ѓорѓиевски.