На неодамна одржаниот хрватски музички Избор на најдобрите, наречен како “Порин 2021“ настапија голем број најпопуларни музички ѕвезди кои и ние овде во Македонија одлично ги познаваме. Освен што оставиле фантастичен впечаток со своите песни и својата вродена музикалност, некои од нив беа жива атракција и тоа поради незамисливиот, а сепак остварливиот спој. И музички и визуелен. Тоа, пред сè, се однесува на спојката помеѓу групата “Лет 3“ од Ријека и естрадната Европска дива Тереза Кесовија.

Тие ја имаат снимено рокерската песна “Сам у води“ (Сам во вода) која заедно ја пеат, па можете да замислите како звучат гласовите на момците од групата кои се класични рокери и медитеранскиот глас на романтичната Тереза која поседува еден од најмоќните, најдобрите вокали на овие простори. А, звучат совршено, затоа и биле оправдано номинирани за музичката награда “Порин“.

Освен во тој музичкиот дел, Тереза и “Лет 3“ никого не оставиле рамнодушен и со својот оригинален имиџ. Момците облечени токму како победникот на овогодишната “Евровизија“ Италијанецот Дамијано со обетки, фустани, пердуви, лакирани нокти…, а големата музичка дива Тереза, дамски како што ѝ прилега и на името, годините, песните и вечната популарност. Сè на сè, нешто ново феноменално искомбинирано, прекрасно успешно!   Дуле Миќиќ  /  foto:FB-Jutjub