„Рентгенска снимка на едно семејство“ добитник на наградата „Кромид“ за најдобар филм на „МакеДокс“

26

„Рентгенска снимка на едно семејство“ на Фирузе Хосрованис, ја доби наградата „Кромид“ за најдобар филм на овогодинешното 12. издание на „МакеДокс“.

-Жирито во состав Адел Кохут, Едима Отуокон и Хеле Хансен наградата ја додели на „Рентгенска снимка на едно семејство“ со образложение дека Хосрованис преку својот брилијантен наративен стил, мајсторски го испреплетува архивскиот материјал од минатото со сопствените семејни слики и писма, додавајќи ги нивните недоследности и недостатоци, па оттаму ја расплетува приказната на неодоливо привлечен начин што овозможува подлабоко разбирање, информираа денеска од „МакеДокс“.

На овогодишното издание на фестивалот беа доделени пет награди и четири специјални признанија. Специјално признание во главната програма доби „Гунда” на Виктор Косаковски.

-Ни дава увид, причина за размислување и набљудување на нашето однесување како луѓе. Направен со голема почит и љубов кон животните, овој филм нѐ импресионираше и нѐ трогна. Зачудувачките визуели на Гунда директно го прикажуваат животот на животните, потсетувајќи нѐ дека животните навистина си имаат свој јазик и дека ако човештвото сака да опстане, ќе мора да слуша, се наведува во соопштението.

Наградата „Млад кромид“ во категоријата „Нови автори“ комисијата во состав Викторија Лешченко, Кристин Камдесу и Марион Шмит ја доделија на „Дида“ на Никола Илиќ и Корина Швингрубер Илиќ, додека Специјално издание доби филмот „Помирување“ на Марија Зидар.

Најдобар краткометражен документарен филм и добитник на наградата „Сечкан кромид“ според комисијата во состав Ивана Тодоровиќ, Маја Новаковиќ и Микеле Сини е „Играта“ на Роман Ходел, бидејќи „режисерот нуди нова перспектива на фудбалот, неверојатни визуели и аудио елементи проткаени во емотивна човечка приказна“. Специјално признание доби „Парченце рај“ на Анджеј Сичоцки.

Наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм ја доби „Веќе никаде не се чувствувам како дома“ на Вив Ли, а жирито во состав Јулија Коваленко, Питер Зах и Ингибјорг Халдорсдотир потенцира дека „овој филм ни даде можност да искусиме длабока тага и носталгија кон домот, комбинирајќи го тоа со иронични моменти“. Специјално признание во студентската програма доби „Си беше еднаш една младост“ на Иван Рамљак.

Наградата за филм со најдобри етички идеи ја доби „Луѓето од гаражите“ на Наталија Јефимкина, а жирито го сочинуваа Кристина Горовска, Танкред Ривиер и Ацо Палитов.

– Сакавме да оддадеме почит на скромноста и интелигенцијата со која филмот ја опфаќа оваа галерија на животи кои се чини дека лесно се осудени на презир и заборав. Преку враќањето до ДНК-та на документарниот гест, Наталија Јефимкина трпеливо ја преведува на платното органската реалност што ја набљудува. Таа секогаш ги почитува ликовите со нивниот природен ритам, никогаш не ги поедноставува сложеностите на нивното постоење, ниту ги истенчува бројните слоеви на нивната реалност, и никогаш не ја користи нивната оригиналност ниту нивната чудност со цел да манипулира, осудува или да се исмева, стои во образложението на жирито.

Дванаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Град Скопје, Гете институт Скопје, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Украина во Република Северна Македонија, Здружение на Украинци во Република Северна Македонија во име на Лесја Украинка, Норвешка амбасада Белград, Норвешки филмски институт, Француски институт Скопје, Амбасада на Кралството Шпанија, УНИЦЕФ, СПОНА, Амбасада на Република Чешка и Чешки културен центар Софија.