Рекордно чист воздух во светот поради карантинот

117

Според извештајот на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) во 2020 година се очекува рекорден пад на емисијата на јаглерод-диоксид во воздухот, поради карантинот што го воведоа многу држави во борбата со пандемијата на коронавирусот.

Проекциите сугерираат дека загадувањето на воздухот ќе падне на најниско ниво во последните 10 години, Претходниот рекорд на пад на загадувањето на воздухот се случил во текот на глобалната криза во 2008 година, но сега тој пад веројатно ќе биде шестпати поголем“, стои во извештајот.

Уште едно истражување прикажува дека изолацијата во светот ќе доведе до 11.000 помалку смртни случаи предизвикани од здравствени проблеми поради загадување на воздухот.

Значително намалување на загадувањето на воздухот, како резултат на ограничувањата наметнати ширум Европа поради ковид-19, може да спаси 11.000 животи, пренесува „Франс прес“.

Мерките за борба со пандемијата доведоа до сериозно забавување на европската економија.

Производството на електрична енергија од јаглен е намалено за 40%, а потрошувачката на нафта опадна за третина.

Ова веднаш влијаело врз чистотата на воздухот. Концентрациите на азотниот диоксид и честичките ПМ 2,5 се намалени за 37% и 10%, покажуваат податоците на Центарот за истражување на енергија и чист воздух.

Земјите каде што повеќето луѓе ќе бидат спасени од смрт заради намаленото загадување на воздухот се Германија со 2.083 лица, Велика Британија со 1.752, Италија со 1.490, Франција со 1.200 и Шпанија со 1.081 лица.

Ова подобрување на квалитетот на воздухот ќе има и други здравствени ефекти, предвидуваат експертите. Ќе се избегнат 6.000 нови случаи на астма кај деца и 1.900 посети на одделенијата за итни случаи како резултат на астматични кризи.

Студијата на тимот на Лори Милвитра забележува дека сличен феномен е забележан и во Кина. Концентрациите на азотни диоксид и ПМ2,5 честички се намалени за 25 и 40 проценти соодветно за време на најстрогите рестриктивни мерки.

Ова значи дека вкупниот број избегнати смртни случаи како последица на загадувањето на воздухот може значително да се намали низ целиот свет.