Реквизити за спорт за основните училишта во Карпош

56

Комплетно ќе бидат уредени две спортски игралишта што се во полоша состојба, сензорните соби во основните училишта ќе бидат опремени со реквизити за спорт за развој, а дополнително ќе се едукацираат 25 тренери – наставници.

Ова се дел од активностите во рамки на проектот „Спорт за сите“, за кој денеска Општина Карпош потпиша Меморандум за партнерство со здружението за унапредување на меѓународна соработка „ТАКТ“ и Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ.

Како што соопшти Општина Карпош, грантот за овој проект изнесува 27.000 евра, а пред неколку месеци се спроведе викенд обука на претставниците од општинската администрација, заедно со претставниците од „ТАКТ“ и ГИЗ, каде имаа можност да ги разменат очекувањата и целите од оваа соработка.

Градоначалникот Стефан Богоев се заблагодари на невладината организација, која, како што се наведува, ја одбра токму Општина Карпош за соработка.

– Локалната самоуправа значително инвестира во спортскиот развој на граѓаните. Во овие моменти, тоа најдобро се гледа и преку изведба на новиот спортско – рекреативен центар во Карпош 3, во дворот на ООУ „Лазо Трповски“. Тука, карпошани ќе добијат простор за играње на кошарка, ракомет, мал фудбал и сервис – стои во соопштението.

Магдалена Спасовска и Надица Јовановиќ од „ТАКТ“ се заблагодарија за успешниот почеток на соработката и изразија надеж дека Карпош ќе биде општина – пример за спорт за развој.