Рамковно вработените и Лика конечно ќе тргнат на работа

100

Ново министерство за политички систем и односи на заедниците ќе се формира наскоро по предлог на група пратеници, кои неодамна до Собранието предложија измени и дополнувања на Законот за организација и работа на државните органи и Законот за Владата. Измените, според распоредот, се на дневен ред на собраниската седница на 14 март.

Со измените се предвидува да се унапреди функционирање на државата во делот на работите поврзани со политичкиот систем, спроведување на Охридскиот рамковен договор и принципите кои произлегуваат од овој Договор како и унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците.

Досегашниот Секретаријат за спроведување на Рамковен договор е предводен од владиниот потпретседател Хазби Лика, а во секретаријатот има околу 1.700 вработени.
Вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор, Хазби Лика, минатата година неколку месеци не се појавуваше на работното место и не присуствуваше на владини седници, а медиумите пренесоа дека поради тоа што Лика не доаѓа на работа, блокирано беше и прераспределувањето на вработените по Рамковниот договор кои не одат на работа, а земаат плата на места кои се соодветни на нивното образование.

Со законските измени, коишто се во собраниска процедура, примарна задача на новоформираното министерство ќе биде управување и надзор на фер застапеноста.

Според информациите на Министерството за администрација и информатичко општество што неодамна беа објавени, за плати на вработените по рамковен договор се исплатени над 784.000 евра. Тоа значи дека просечно секој од тогашните вработени земал плата од 490 евра.

Според податоците на Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, пренесуваат медиумите, со К 5 програмата се вработени 1.688 луѓе за кои по неколку години треба да се обезбеди работно место.

За новото министерство, според процедурата, Собранието на предлог на премиерот во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе избере министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и ќе именува заменик на министерот за политички систем и односи меѓу заедниците.