„Како менаџери треба да е увериме публиката дека се запазени сите мерки и протоколи во нашата куќа, дека сме си потребни едни на други, дека театарот постои за публика. Задоволството е обострано, актерите се позадоволни со полна сала, атмосферата е позитивна со поголема посетеност. Ја користам приликата ја поканувам публиката да ги посетува театрите во целата држава затоа што во овие моменти ни е потребна публиката. Во ова време невреме е тешко за секого, но мораме да продолжиме да живееме и функционираме“, вели за весникот ВЕЧЕР, Симоноски, директор на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид

Пандемијата на коронавирусот ги затвори вратите на културните установи и театрите во државата речиси осум месеци. Како Охридскиот театар функционираше и одржуваше врска со својата публика во изминатиот период?

За жал пандемијата се одрази негативно во сите сфери од општеството, па така и во културата, во театарските куќи во цела држава, па и кај нас во Охридскиот театар. Почитувајќи ги мерките на комисијата за заразни болести одреден период нашата институција работеше само со дежурства. Изминативе месеци театарската публика беше спречена да ужива во претставите со физичко присуство. Како и повеќето театарски куќи во Р.С. Македонија и ние овозможивме дел од нашите претстави публиката да ги проследи на јутјуб-каналот.

Како се одрази целата состојба на колективот на Охридскиот театар  и какви последици трпи установата?

Постојано бевме во комуникација со актерската екипа, во исчекување што понатаму (подолг период немаше протокол за работа на театрите). Сепак и покрај нивната желба за работа бевме спречени да работиме. Со носење на протоколите, конечно на 19-ти октомври започнавме процес, поточно продолживме со работа на проектот кој беше почнат во месец март и истовремено и стопиран поради ковид-19. Негативни последици имаме и од финансиски поглед, со оглед дека немаме прилив на средства од продажба на билети.

Што од плановите предвидени за оваа година спред програмата остана нереализирано и сметате ли дека постои можност да бидат реализирани барем дел од проектите ? 

За 2020 година нашата институција доби три проекти – театарски претстави и тоа „Балкански шпиун” во режија на Љупчо Ѓоргирски, „Изгубени Германци” во режија на Сашо Миленкоски и “Сопружници” во режија на Драгана Танеска. Пандемијата си го направи своето, па така за жал и физички не сме во можност да ги реализираме сите проекти до крајот на годината. Во тек сме на процес на подготовка со проектот “Сопружници” во режија на Драгана Танеска и се надевам на средина на ноември да имаме и премиера. Останатите два проекта ќе се префрлат за наредната година.

Со оглед дека и покрај високите бројки на заболени, беа донесени протоколи за отпочнување на работата на културните установи во услови на пандемија, дали започнавте со реализирање на дел од претходно зацртаните обврски и на што во моментот се работи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во рамките на кој работи и Охридскиот народен театар?

Во нашата установа Центар за култура , покрај театарот имаме и кино проекции и други настани. Ја примаме публиката според сите пропишани протоколи (дистанца, дезинфекција, мерење температура и сл.), имаме посетеност, но не како што била претходно. Имавме Стенд ап комедија со актерот Никола Тодороски и бевме добро посетени, имавме изложби кои исто така предизвикаа интерес и беа посетени. Со редовен репертоар ќе започнеме набргу и се надевам дека ќе имаме посетеност која во овие тешки времиња е многу битна за нас како институција.

Што според Вас, менаџерите треба да направат за да ја вратат публиката повторно во театрите и каков е вашиот личен став за отварањето на театрите и нивното значење во ова време-невреме?

Како менаџери треба да е увериме публиката дека се запазени сите мерки и протоколи во нашата куќа, дека сме си потребни едни на други, дека театарот постои за публика. Задоволството е обострано, актерите се позадоволни со полна сала, атмосферата е позитивна со поголема посетеност. Ја користам приликата да ја поканувам публиката да ги посетува театрите во целата држава (со запазени протоколи и мерки од нивна страна), затоа што во овие моменти ни е потребна публиката. Како што кажувате вие во ова време -невреме е тешко за секого, но мораме да продолжиме да живееме – функционираме. Не смеe да замре културата, само може да допринесе за позитивно расположение кај публиката. (Д.Т)

Филмот „Стела“ премиерно пред охридската публика

Премиерно на кино репертоарот во НУ Центар за култура „Григор Прличев” – Охрид во деновите 29, 30 и 31 октомври, со почеток во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Стела“. По обид за самоубиство на едно десетгодишно дете, кое е жртва на малтретирање во училиште, Стела (шарпланинка) е единствената која може да го спаси и да му ја обнови вербата во животот. Продуцентот Огнен Антов вели дека „Стела“ е приказна за еден шарпланинец, едно дете и за еден дедо. Филмот е копродукција на „Дрим фектори“ од Македонија, „Акција продукција“ од Србија и на „Моуна“ од Германија. Улогата на Никола ја игра 12-годишниот Петар Маниќ, за кого ова е филмско деби, а во кастингот се и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од српскиот филмски хит „Парада“. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Гого Клинчаров, а костимограф е Милена Миленковиќ. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и од Филмскиот центар на Србија.