Многу сакам да пеам во Македонија, но овој вирус сите мои желби ми ги уништи, па така и оваа пак да се видиме кај вас во Скопје или некој друг убав македонски град. Ви сте прекрасен народ, гостопримливи сте и пријателско-домаќински расположени. Такви впечатоци носам од Македонија, а особено од минатиот пат кога пеев на фестивалот „Филиграни“, вели за весникот ВЕЧЕР поранешната фолк-ѕвезда

Естрадата од овие наши простори се уште многу добро ја памти пејачката Лепа Лана на која вистинското име и е Гордана Адамов и која е од градот Кикинда од северот на Србија. А, приказната со неа тргна според идејата на композиторот Милутин Поповиќ-Захар, кому всушност му текна од оваа пејачка да и направи остра конкуренција на тогаш веќе мега популарната Лепа Брена.

Некогашните Насловни страни со убавата Лана

Досетливиот Захар успеа во тоа, а Лепа Лана преку ноќ ја освои (поранешната) Југославија, но не како копија туку како вистински оригинал во секој поглед. И по песните и по физичкиот изглед. Се редеа нејзините хитови на сите можни тогашни топ-листи: „Фебруарски рокенрол“, „Не дај срцу да одлута“, „Имаш лепе очи“, „Опа Марко“, „Јастук“, „Док заљубљени спавају“ и секако најслушаната песна „Ванземаљац“.

Токму околу оваа песна „Ванземаљац“ деновиве се случи голем скандал на една од српските телевизии. Многу погодена беше и самата Лепа Лана која по тој повод напиша дека тоа е невиден срам, дека не и е јасно што им се случува на Лепа Брена и Саша Поповиќ кои постојано ја исмејуваат. По тој повод весникот ВЕЧЕР ја контактираше оваа некогаш многу популарна пејачка.

“Единствената врска помеѓу мене и Лепа Брена е композиторот Захар и ништо друго не нè врзува“.

-Навистина не знам да си објаснам зошто преку живи трупови газат Саша Поповиќ и Лепа Брена?Тоа го прават на еден перфиден начин. Ја потценуваат секоја моја работа, мојата личност низ глупавите приказни. Демек, јас ја имитирам Лепа Брена, пеам глупи песни. Единствената врска помеѓу мене и Лепа Брена е композиторот Захар и ништо друго не нè врзува. Се закачија токму за песната „Вонземјанин“(Ванземаљац), која е сатира и пародија. Снимив и десетина други песни, но тие еве токму преку оваа песна сакаат заедно со некои луѓе од српското новинарство да ме потценуваат. Зошто се такви, не знам?

Уште еднаш сакам да им порачам на сите таквите да не ме спомнуваат ниту во добро ниту во лошо, бидејќи адвокатите ќе имаат работа, кажува загрижено оваа сè уште многу убава пејачка, која е уште присутна на естрадата.

Инаку, Лепа Лана минатата година ја видовме кај нас во Скопје како ексклузивна гостинка на фолк-фестивалот „Филиграни“ кога имаше свој мини-концерт. Тогаш пејачката ни вети дека многу брзо пак ќе дојде во Македонија, но сега коронавирусот целата работа околу некој нов нејзин настап ја запре на неодредено време.

Лепа Лана минатата година во Скопје во друштво на нашиот пејач Васко Форти

-Јас многу сакам да пеам во Македонија, тоа искрено го велам. Но овој вирусот сите мои желби ми ги уништи, па така и оваа пак да се видиме кај вас во Скопје или некој друг убав македонски град. Останува да чекам, да се надевам на подобри времиња. Имам чести контакти, се разбира преку ФБ на кој сум доста активна, со луѓето од Македонија. Ви сте прекрасен народ, гостопримливи сте и пријателско-домаќински расположени. Такви впечатоци носам од Македонија, а особено од минатиот пат кога пеев на фестивалот „Филиграни“ на кој ме покани мојот драг соработник и пријател Костадин Костадиновски.

Дуле Миќиќ