Романскиот ракометен тим ЧСМ Букурешт, не загуби само од ЦСКа Москава по што остана без пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите, туки загуби и важен играч до крајот на годината. Едно од најдобрите леви крила во светот Французинакта Сираба Дембеле – Павловиќ ја скина Ахиловата тетива при еден доскок на теренот во московската Арена Динамо.

Поранешната ракометарка на ЖРК Вардар и капитен на француската ракометна репрезентација свесна е дека се здоби со една од најтешките повреди во спортот. Затоа жали што нема да може да ја предводи Франција на Летните олимписки игри во Токио, како на Светското првенство во 2017 и Европското првенство во 2018 година, каде прва ги подигнуваше пехарите.

-Олимписките игри требаше да бидат моето последно натпреварување за репрезентацијата. Заедно сме многу долго време и тешко е да се остави тимот кога требаше да се заокружи еден циклус. Тешко ми е, но имав среќа во текот на кариерата со повредите, не можам да бидам неблагодарна. Со години сме во луд ритем и природно е што телото почнува да попушта, изјави Дембеле.

Французинката има договор со ЧСМ Букурешт до летото 2022 година и тоа е голем мотив да се врати на терен.

-Клубот ми овозможи да се лечам во Франција, а по операцијата ме чека долга пауза и рехабилитација. Периодот на опоравување е подолг од шест месеци, се надевам дека ќе бидам на теренот од јануари наредната година. Да немав догвоор со тимот најверојатно би ја завршила кариерата по ваква повреда и ќе ми беше многу потешко отколку што ми е сега, заврши Дембеле.