EPA-EFE/CJ GUNTHER

Екипата на Мајами се пласираше во финалето на НБА лигата и покрај тоа што беа пред историски колапс, откако поведоа со 3-0 во серијата против Бостон, кои се вратија на 3-3 и пред своите навивачи имаа можност да станат првиот НБА тим да се врати по таков дефицит. Мајами убедливо победи со 103:84 во мајсторката, а херој на мечот беше Џими Батлер.

Иако Бостон беше голем фаворит на хартија, Мајами го продолжи спектакуларниот пат од плејинот, кој го започна со пораз од Атланта, преку елиминацијата на најдобриот тим во лигата – Милвоки во првата рунда, Њујорк во втората рунда, до пласман во финалето. „Жешките“ се само вториот тим во историјата на НБА кои како осми носител влегле во финалето, по Њујорк Никс кои на крајот загубија од Сан Антонио Спарс во 1999 година.

Мајами минатата година играше во источното финале против Селтикси, но тогаш ја загубија мајсторката која ја играа пред своја публика. Џими Батлер по тој меч изговори реплика која се покажа како пророчна една година подоцна: „Имаме доволно за титулата, ќе имаме доволно и следната година, ќе бидеме на истата позиција, но тогаш ќе ја завршиме работата“.

Така и се случи. Една година подоцна тие повторно се сретнаа со Бостон во источното финале, па оваа изјава од минатата година стана вирална веќе по водството од 3-0 во серијата. На крајот Џими Батлер и Мајами се помачија за да ја завршат работата и на крајот успеаја.

Тоа е нивно второ финале во последните четири години, откако во „балонот“ загубија од ЛА Лејкерс. Годинава последна пречка им Денвер, кој е предводен од феноменалниот Никола Јокиќ, за кои ова е нивно прво финале. Серијата започнува во четврток во 2:30 часот по полноќ, а првите два натпревари се играат во Денвер.