Во Културно-информативниот центар во Скопје (Салон Империјал 1) на 30 септември во 19.19 ч. ќе биде промовирана мултијазичната збирка поезија „За една кратка урбана љубов што стравуваше да се нарече себеси така“ од Елена Пенџова, а ќе се одржи и дискусија за препевот како посебна вештина во преводниот занает.

„За една кратка урбана љубов што стравуваше да се нарече себеси така“ е осма по ред авторска збирка поезија на Пренџова која претставува циклус од десетина модерни, лирични песни, во книгата објавени на македонски, албански, српски, словенечки, италијански и англиски јазик.

Препевите се на: Катарина Фиаменго, Искра Пенева и Немања Стојковиќ – Блеки од Србија (на српски јазик); Даим Мифтари од Македонија (на албански); Намита Субиото од Словенија (на словенечки); Лучила Трапацо од Италија/Швајцарија (на италијански) и во препев на англиски од страна на самата авторка, а во јазична коректура нa Мет Мјури од САД. Илустрациите/цртежите во книгата се на Ирена Јурчева, а графичкиотдизајн на корицата и книгата е на Александра Новеска.

Дискусијата за препевот како посебна вештина во преводниот занает ќе ги покрене темите за чинот на препевот меѓу сродните и несродните јазици, за преводната наука воопшто, за препевите од другите јазици на англиски направени од немајчини говороител(к)и, за улогата на поетот/поетесата како преведувач(к)и, за начинот на кој поетите/поетесите работат лектура на туѓа поезија, но и за пресудните фактори при изборот на песните за препев.

На настанот ќе учествуваат Елена Пренџова, модераторка и интерпретаторка на поезијата, Виолета Танчева, лекторка и промоторка, Даим Мифтари, препев и учесник на дискусија, Ирена Јурчева илустраторка и учесник на дискусија, Катарина Фиаменго, Искра Пенева, Немања Стојковиќ – Блеки од Србија – преведувач на српски, Намита Субиото од Словенија – превод на слвоенечки, Лучила Трапацо од Италија/Швајцарија – препев на италијански, Мет Мјури од САД – препев на англиски.

Елена Пренџова е поетеса, слемерка и препејувачка од Скопје. Таа е магистерка по Филолошки науки и дипломирана професорка по Англиски јазик и книжевност. Менторира работилници за слем и креативно пишување. Авторка е на десетина поетски книги. Пренџова е националната претставничка на Европското слем-првенство од 2016 година. Организира и соорганизира слем-настани и слем-натпревари од 2013 година, вклучително и националниот слем-натпревар. Во 2021 година ѝ беше доделена едномесечна писателска резиденција во Белград, Србија од Регионалната мрежа за културна разновидност – РЕАД, а во 2015 година во Тирана, Албанија од „Поетека Албанија“, Министерството за култура во Албанија и Традуки мрежата. Во 2019 година беше стипендистка на програмата за перформативни уметности i-Portunus и „Креативна Европа“ остварувајќи резиденцијален престој во Тарту, Естонија и Марибор, Словенија каде менторираше работилници за слем-поезија и настапуваше на слем-настани.