Промовирана „Сликовницата на Халки“ – средствата од продажбата за СОС Детско село Скопје

37

Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ и Халкбанк АД Скопје, во октомври – месецот на штедењето, го промовираа ексклузивното издание на „Сликовницата на Халки“ работена целосно со еколошки бои и на еколошка хартија.Сликовницата ќе се продава исклучиво онлајн преку QR код што води до галеријата Frida.mk. Собраните средства целосно ќе бидат донирани на С.О.С Детско село – Скопје.

Настанот, кој беше во организација на Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“, се одржа во Музејот на град Скопје каде што беа изложени и оригиналните илустрации од авторот Трајче Павлов, а беше одржана и креативна ликовна работилница за деца.

– „Сликовницата на Халки“ е дело во кое слончето Халки и на децата им го доближува процесот на правењето сликовница – од идеја до печатница. Притоа, Халки потсетува и на важни пораки дека сите деца се исти, а читањето е една од најважните навики што можеме да ги стекнеме во детството, истакна  Сребра Ѓорѓијевска, новинар и претставник на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“.

Националната координаторка на СОС Детско село Јулијана Накова Гапо се заблагодари што нивната мисија „Топол дом и грижа за секое дете“ ќе биде поддржана преку продажбата на „Сликовницата на Халки“.

-Љубов, другарство и инклузија се носечките теми на сликовницата кои и се дел од работењето на СОС Детско село бидејќи секое дете заслужува топол дом и грижа, рече Накова Гапо.

Во интерактивниот дел децата се дружеа со маскотата Халки и цртаа цртежи на тема: љубов, толеранција, штедење и инклузија.