Македонскиот кик-боксер Димитар Ѓорѓиев ја освои четвртата светска титула, овој пат во категоријата лоу-кик (до 81 килограм), откако на Светското првенство во Италија го совлада Никола Дробњак од БиХ со 3-0, со што одново донесе радост кај целата македонска нација.

Со победата над Дробњак во големото финале само го потврди својот квалитет и неверојатна константност во последната деценија во која доминира во својата категорија.

  • Златото повторно е дома! Благодарност до сите што искрено се израдувавте на оваа наша победа, до моето семејство, до мојата девојка, која мора да ме трпи заедно со сите мои ангажмани и до сите мои подржувачи низ цела моја кариера и мојот тим од КБК Работнички Адора и ВАКО Македонија. Можеби сме мала држава, но повторно докажавме дека имаме најголемо срце!, изјави Ѓорѓиев.

И покрај одличниот резултат и освоеното злато, селекторот Дејан Митровски – Урко не е премногу задоволен од постигнатите резултати на ова СП. Покрај Ѓорѓиев, нашата земја во Италија ја претставуваа уште седуминна кик-боксери, но истите беа елиминирани во раната фаза од натпреварувањето.

  • Сите натпреварувачи го дадоа максимумот од себе за време на борбите. Јас не сум задоволен од резултатот, требаше да се вратиме од Светсково првенство со уште еден златен и уште со некој медал плус. Димитар заслужено си го освои златниот медал. Се бореше стабилно во сите борби и ги контролираше, притоа беше во водство во сите рунди. Тоа веќе не е среќен жреб, тоа е искуство и тренинг. Бобан е оштетен од босанскиот судија кој беше главен судија во рингот и кој не му даде казнен поен на српскиот борец за држење. Спуштајќи се на партер го држеше Бобан, неприфакајќи борба, бидејки имаше мала предност во бодовите и гледаше да ја одржи. Доколку ја поминеше оваа борба, Бобан ќе стигнеше до златото. Другите противници беа послаби во жребот, така ќе беа две злата за Македонија. На противникот на Климент во последната секунда на крајот му дадоа поен без удар и му ја земаа бронзата. Марко имаше една победа, но втората борба ја изгуби. Сепак, покажа одлична кондициона и техничка подготвеност, при што искуството на противникот му донесе победа. Ова на Марко му беше прва борба како сениор на ваков официјален високо рангиран меч, оцени селкторот Митровски.