Производите се поскапи отколку пред попустот, трговците продолжуваат со измамите

Граѓаните реагираат дека има кампањи на познати компании каде што производите се поскапи отколку што биле претходно, а ги промовираат дека се на попуст. Од Организацијата за заштита на потрошувачите велат дека до нив секојдневно стигаат поплаки, од кои најголемиот дел се однесуваат на една цена на етикетата, а друга на каса, лажни попусти... И покрај високите казни, кои изнесуваат до 10.000 евра, трговците продолжуваат со трговските измами, лажните попусти... 

373
pexels.com

Новиот Закон за заштита на потрошувачите, кој требаше да им стави крај на трговските измами кон потрошувачите, наводните попусти во бутиците, прелепените етикети по неколку пати… стапи на сила. И покрај високите казни, кои изнесуваат до 10.000 евра, граѓаните реагираат дека сè уште има трговски измами, лажни попусти…  Законот предвидува повеќе облици за ставање во промет на стоки и услуги, и тоа распродажба, акциска продажба, промотивна продажба, сезонско намалување, ставање во промет на стоки со недостаток и грешка.

Акциската продажба на стоки не може да трае подолго од 30 дена, промоцијата на стоки и услуги се прави исклучиво на нови производи и не може да трае подолго од осум дена. Сезонското намалување, како посебен облик на ставање во промет на производи или услуги, се спроведува по завршувањето на сезоната во точно определени периоди, летното сезонско намалување во периодот помеѓу 25 август и 25 септември во тековната година, а зимското сезонско намалување во периодот од 25 декември од тековната до 25 јануари наредната година.

Граѓаните реагираат дека има кампањи на познати компании каде што производите се поскапи отколку што биле претходно, а ги промовираат дека се на попуст. Од Организацијата за заштита на потрошувачите велат дека до нив секојдневно стигаат поплаки, од кои најголемиот дел се однесуваат на една цена на етикетата, а друга на каса.

– Најголемиот дел од поплаките од граѓаните се однесуваат на цените на производите, односно една цена е напишана на етикетата или на рафтот, а друга им се наплаќа на каса. Трговците постојано прават акции или распродажба и не стигнуваат да ги сменат цените на етикетите или на рафтот. Поради тоа, потрошувачите често се доведуваат во неповолна положба, на каса да им биде наплатена друга цена од онаа што се наоѓа на етикетата или на рафтот. Чести се и ситуациите кога не е пресметан процентот на попустот, па потрошувачите не знаат дали тој производ е на попуст или не – вели Мартина Грнчаревска од Организацијата на потрошувачите на Македонија за весникот ВЕЧЕР.

Таа додава дека чести се случаите кога не сакаат трговците да им вратат пари на потрошувачите, туку им нудат само замена на производот. Според новиот Закон за заштита на потрошувачите, тоа не е дозволиво.

– Во некои продавници или бутици јасно е истакнато дека не вршат замена на долна облека, накит… но не смее да се прави тоа, бидејќи враќањето производи се однесува на сè – додава таа.

Од ОПМ појаснуваат дека рокот за враќање на производите е 15 дена, а трговците можат да го продолжат на 30, односно 40 дена, но не можат да го скратат. Исто така, има измени во однос на рекламацијата на производите. Во стариот Закон за заштита на потрошувачите, рекламацијата за несообразност на производот или за некој недостаток беше шест месеци, а со новиот е две години. На ова регираа и трговците, бидејќи се работи за многу долг период, особено за гардероба, која не може да се смени ако е носена, перена…

Со Законот се предвидуваат и казни до 10.000 евра за трговските измами кон потрошувачите, продажбата на стоки со истечен рок или за наводен неколкукратен попуст, како и парична глоба, до забрана за работење на маркетот, салонот за продажба на облека, мебел, бела техника…

(А.С.)