“Чувајте го валандовскиот фестивал, сè додека постоите, чувајте ја убавата македонска песна, а јас секогаш со радост ќе доаѓам во вашиот град во кој живеат топли, добри луѓе“, порача пејачката Ана Бекута од фестивалската сцена, поздравувајќи се со јужњачки темпераментната публика со својата омилена „Македонско девојче”

Дуле Миќиќ

Тоа што го вети пред фестивалот во Валандово, српската музичка дива Ана Бекута целосно го исполни. Омилената пејачка на нашата публика одржа речиси тричасовен концерт пред преполниот градски плоштад, исполнет со сите нејзини добро познати хитови, од „Добро јутро, лепи мој“, „Златиборске зоре“, „Бројаница“, „Весељак“, „Опет имам разлога да живим“ …

Но, кулминацијата кај и онака воодушевената публика се случи кога го запеа хитот „Стариот џумбушлија“. И старо и младо, заедно со Ана, ја пееја оваа сè уште толку омилена песна. Но, и на Ана песната ѝ е една од најмилите. И, како што истакна, „Стариот џумбушлија“ ја враќа на почетоците на валандовскиот фестивал, кога настапи како млада, новонадежна пејачка.

– Чувајте го валандовскиот фестивал, сè додека постоите, чувајте ја убавата македонска песна, а јас секогаш со радост ќе доаѓам во вашиот град во кој живеат топли, добри луѓе – порача пејачката од фестивалската сцена и се поздрави од јужњачки темпераментната публика со својата омилена „Македонско девојче“. Според сите вкусови, и на новинарите, организаторите и на публиката, тоа беше ноќ за паметење.